Рубрика: Биологија
Дали билките се чувствителни на звук?
Автор: Ирена Кацеска
Објавено на 29.10.2012 - 12:38

Корејските истражувачи тврдат дека во оризовите садници откриле два гена чувствителни на звук. Тие во Националниот институт за земјоделска биотехнологија во Сувон, Јужна Кореја, со изложување на растенијата на бучава и со проучување дошле до откритие како влијае тоа на активноста на генот.
Во почетокот тие се обиделе пуштајќи четиринаесет примероци класична музика на нивниот ориз, вклучително и Бетовеновата "Месечева соната", но не добиле никаков одговор. Потоа се обиделе со пуштање звуци од специфични фреквенции и почнале да ги увидуваат промените. На 125 и на 250 херци пораснала активноста на двата гена rbcS и ALD.
Активноста на генот опаѓала кога биле пуштани звуци на 50 херци. Потоа, со цел да се утврди дали други гени може да се означат како чувствителни на звук, ги поврзале генетските елементи кои го контролираат ALD генот со известувачки ген вметнат во оризот и го нарекле GUS. Тогаш сознале дека звуците исто така можат да манипулираат со нивоата на GUS.
Дали сме на прагот на откривање на тоа како растенијата ги чувствуваат надворешните дразби? Досега постоело мислење дека растенијата не можат да чувствуваат ништо бидејќи немаат нервен систем. Меѓутоа, оваа студија покажува дека растенијата чувствуваат, само ние не можеме да го разбереме нивниот начин на чувствување и реакцијата на надворешните дразби.
Ова покажува дека би било можно да се користи звукот наместо хемикалии за да се контролираат разни генетски процеси во растенијата, вклучувајќи го и вметнувањето на отпорните гени за да им се помогне во борбата против паразитите или за побрзо созревање.
Но, не се сите научници убедени во ова. Некои велат дека новата студија која е објавена во списанието "Молекуларно одгледување" користи стари техники и недостасуваат бројки за податоците да бидат веродостојни.