Благодарение на опсерваторијата Чандра на НАСА, која набљудува во X-зрачното подрачје, како и неколку други опсерватории, идентификувана е супермасивна црна дупка со досега најмала забележана маса за ваков објект кој се наоѓа во средината на една галаксија. Со оглед на тоа што галаксијата-домаќин е од типот за кој не се очекуваше во себе да крие супермасивна црна дупка, се претпоставува дека оваа црна дупка, иако наликува на нејзините супермасивни сестри, сепак најверојатно има различно потекло.
Црната дупка се наоѓа во средината на спиралната галаксија NGC 4178, која е прикажана на сликата во прилог, направена од страна на Sloan Digital Sky Survey, а на која се забележува изворот на x-зраци во центарот на фотографијата. Анализата на податоците добиени од Чандра, во комбинација со податоците од инфрацрвеното зрачно подрачје добиени од телескопот Спицер и податоците од радиотелескопот VLT, сугерираат дека оваа црна дупка со својата мала маса се наоѓа на минимумот од опсегот на маси кој го опфаќа семејството на супермасивни црни дупки.
Резултатите од овие истражувања ги објави Нејтан Секрест (Natan Secrest) заедно со неговите соработници во Astrophysical Journal во јули годинава.
Својствата на изворот на X-зраците, вклучувајќи ги осветленоста и спектарот (количеството на емитувани X-зраци на различни бранови должини) и неговата осветленост во инфрацрвеното браново подрачје, укажуваат на тоа дека црната дупка во центарот на NGC 4178 со голема брзина го повлекува материјалот од својата околина. Истите податоци, исто така, укажуваат и на тоа дека светлината која се создава при "голтањето" на овој материјал силно се апсорбира од гасот и правот кои ја опколуваат црната дупка.
При процената на масата на црната дупка беше искористен веќе познатиот однос меѓу масата на црната дупка и количеството на емитуваните x-зраци и радиобранови. Со овој метод е проценето дека масата на црната дупка изнесува нешто помалку од 200 000 пати од масата на Сонцето. Процената е во согласност со резултатите од процените направени со повеќе други методи што се користат од страна на авторите на трудот, и е пониска од типичните вредности за масите на супермасивните црни дупки, кои вообичаено изнесуваат од милиони до милијарди пати повеќе од масата на Сонцето.
NGC 4178 е спирална галаксија која се наоѓа на оддалеченост од околу 55 милиони светлински години од нас. Галаксијата нема средишна светла концентрација, своевидна "џумка", која ја прават ѕвездите од нејзиниот центар. Покрај NGC 4178, постои сомневање дека црни дупки најверојатно се кријат и во центарот на уште четири спирални галаксии кај кои отсуствува карактеристичната светла "џумка". Од овие четири црни дупки, две најверојатно имаат маса приближно иста на онаа од галаксијата NGC 4178. Набљудувањата направени по методата XMM-Њутн на изворите на x-зраци откриени од страна на Чандра во центарот на галаксијата NGC 4561, укажуваат дека масата на црната дупка е најмалку за 20 000 пати поголема од масата на Сонцето, но нејзината маса може да биде и значително поголема ако црната дупка бавно го "вшмукува" околниот материјал, што за последица има намалување на емисиите на x-зраци. Трудот во кој се опишани овие резултати е објавен во почетокот на овој месец во Astrophysical Journal од страна на Араја Салво (Araya Salvo) и соработниците.
Масата на црната дупка во галаксијата NGC 4395 се проценува дека изнесува околу 360 000 пати повеќе од масата на Сонцето, како што пред неколку години беше објавено во Astrophysical Journal од страна на Петерсон и соработниците.