Рубрика: Омнибус
Како настанал селотејпот?
Автор: Ирена Кацеска
Објавено на 22.10.2012 - 10:57

Лепливите ленти се прават уште од средината на 19. век, а во масовна употреба влегле благодарение на навидум неважен проблем што ја измачувал автомобилската индустрија. Како што многу луѓе наместо паста за заби и понатаму велат каладонт, така и брендот селотејп во нашата земја, но и во Велика Британија и во некои други земји стана генерички – го прифатил општото значење и денес претставува назив за секоја транспарентна леплива лента која ја има во повеќето домови. Во текот на последната деценија, брендот е во сопственост на Хенкел.
Селотејп е леплива лента чувствителна на притисок, чиј состав во основа е целулоза. Се користи за поврзување или спојување на различни материјали: хартија, картон, пластика, па дури и метал, стакло, дрво ... буквално за што било, во зависност од ситуацијата и можностите.
Првиот производ што наликувал на леплива лента се спомнува уште во 1845 година, кога д-р Хорас Деј, хирург од Њу Џерси, смислил лепливи ленти чувствителни на притисок така што нанесувал природна гума на ткаенина и тоа го користел наместо денешните фластери.
Во дваесеттите години на 20 век, лепливата лента влегла во масовно производство. Имено, тогаш во фабриката 3М бил дизајниран сличен производ врз основа на гуми, со цел да се реши проблемот на автомобилската индустрија: при фарбање делови во две или повеќе бои, преминот меѓу две бои често не бил права линија. Всушност, делот од површината која производителот не сакал да ја офарба во одредена боја, ја заштитувал со хартија, но хартијата не била целосно леплива, туку често пропуштала од новата боја. Тогаш преминот од една боја во друга не бил права линија и изгледал неуредно.
Колин Кининмонт и Џорџ Греј го измислиле селотејпот и му дале име во 1937 година. Нивната лента била направена од гумена смола нанесена на целофан, транспарентен материјал изработен од целулоза. Подоцна, лепливата лента се произведувала во фабрика во јужен Лондон, во составот на групацијата "Дикинсон Робинсон", која се занимавала со производство на хартија и амбалажа. За време на Втората светска војна, селотејпот широко се користел за лепење стакло – за помалку да се крши, а денес лепливата лента претставува неизбежна ситница која се наоѓа покрај секоја работна маса.