Нашата најблиска сосетка, галаксијата Андромеда или М31 (бројот под кој е заведен овој објект во Месиеровиот каталог), има навистина чудно "семејство" од ѕвездени јата, кои се распределени во нејзината непосредна околина. Научниците, досега, регистрирале најмалку 7 ѕвездени јата околу Андромеда кои може да се сместат во сосема нова категорија. Имено, станува збор за јата кои се составени од најмалку 100 000 ѕвезди (што е карактеристично за затворените или глобуларни јата), а со многу големи димензии, кои достигнуваат и неколку стотици светлински години во пречник (што, пак, е својствено за отворените јата).
Астрономите ги нарекоа овие објекти "проширени јата", а такви слични објекти, барем засега, не се забележани во нашата галаксија, Млечниот Пат.
Според проценката, овие јата се доста стари - уште една заедничка работа која ја имаат со затворените ѕвездени јата. Староста им е неколку милијарди години и многу лесно може да се едни од првите објекти кои се создале во вселената.
Објектите се забележани од страна на чувствителните CCD камери на телескопот "Исак Њутн" на Канарските Острови и при набљудувањата од неколку телескопи на Хаваи. Астрономите наишле на овие јата додека биле во потрага по непознати и некласифицирани ѕвездени јата во околината на М31.