Со истражување и низа експерименти и научно е потврдено дека луѓето кога ќе достигнат одредена возраст стануваат помудри од помладите и дека тоа не е резултат само на искуството и знаењата стекнати со годините. Со научна студија е докажано дека мажите и жените кои имаат минимум 60 години се подобри во носење одлуки кои имаат придобивки на долгорочен план во однос на оние во третата и четвртата деценија од животот кои се интересираат само за моментално задоволство и не ги гледаат придобивките од планирањето. Прочитајте го текстов за да се уверите дека е точна изреката: "мудар како старец", но и зошто е тоа така.
Ако досега не сте верувале во тврдењето дека мудроста доаѓа со годините, време е да го смените мислењето бидејќи научниците дошле до интересни сознанија во врска со квалитетот на советите, одлуките и препораките кои ги носат постарите луѓе во однос на помладите. Со истражување и низа експерименти тие утврдиле дека луѓето кога ќе достигнат одредена возраст стануваат помудри од помладите и дека тоа не е резултат само на искуството и знаењата стекнати со годините.
– Одамна се веруваше дека постарите се помудри, но сега и научно е потврдено дека тоа е така. Дојдовме до заклучок дека староста носи мудрост независно од социјалниот статус, расата или нивото на интелигенција – вели Ричард Низбет, професор по психологија на Универзитетот во Мичиген.
Во истражувањето кое го раководел тој учествувале 247 лица кои биле поделени во три групи: од 25 до 40, од 41 до 59 и од 60 и повеќе. На учесниците им биле раскажани три приказни за социјални судири и биле замолени да најдат решение. По обработката на добиените резултати се дошло до интересни сознанија. Учесниците над 60 години во своите одговори имале најголем процент на мудрост во однос на другите две групи. Резултатите биле објавени во онлајн списанието Proceedings of the National Academy of Sciences.
Со друга научна студија било докажано дека мажите и жените кои имаат минимум 60 години се подобри во носење одлуки кои имаат придобивки на долгорочен план во однос на оние во третата и четвртата деценија од животот кои се интересираат само за моментално задоволство и не ги гледаат придобивките од планирањето. И овие резултати одат против стереотипното мислење дека постарите луѓе побавно доаѓаат до заклучоци затоа šшто побавно мислат. Истражувачите заклучиле дека без оглед на тоа колку време им е потребно на постарите луѓе да донесат одлука, генерално таа одлука е подобра од онаа направена од младите. Тимовите од Универзитетот од Тексас и Тексас А&М Универзитетот направиле два експеримента.
Во првиот побарале од 28 постари возрасни лица и 28 помлади учесници да донесат одлука во која требало да размислуваат за моментална награда. Младата група имала најдобри резултати во избирање на опцијата со краткорочни придобивки во однос на постарата.
Во вториот експеримент биле добиени значајно различни резултати. Од околу 50 мажи и жени на возраст помеѓу 67 и 82 години и група од 50 мажи и жени помеѓу 20 и 36 години било побарано да складираат кислород на виртуелна мисија на Марс. Тие можеле да бираат помеѓу опција која ја зголемувала наградата во идни тестови и друга која ги намалува идните награди, но нуди поголема награда во моментот. Во овој случај постарите учесници имале подобри резултати од ривалската група во откривање која опција води кон најголема долгорочна награда. Професорот по психологија од Универзитетот од Тексас Тод Медокс вели:
– Добиените резултати наведуваат кон заклучок дека помладите возрасни лица се однесуваат поимпулсивно, преферирајќи моментални придобивки, додека постарите лица се подобри во пресметувањето на долгорочни последици од нивните акции. Откривме, исто така, дека помладите учесници одлучуваат еквивалентно на други сознанија, но постарите лица се поспособни во приспособување на нивната стратегија за доаѓање до целта во задачата зададена во експериментот.
Истражувачите потоа истражувале зошто оваа разлика постои и на што се должи. Тие веруваат дека одговорот би можел да се бара во начинот како луѓето го користат мозокот кога ќе остарат. Промената во начинот на размислување и одлучување, сметаат тие, дека е поврзана со намалената употреба на вентралниот стриатум, регион од мозокот поврзан со формирањето навики и моментални одлуки. Со стареењето овој регион се оштетува и пропаѓа, па човекот таа загуба ја компензира користејќи го поинтензивно префронталниот кортекс, дел од мозокот кој го контролира рационалното размислување и одлучување. Како резултат на тоа постарите луѓе носат подобри и поумни одлуки од помладите!
Наравоучение: Слушнете ги постарите кога ви дават совет бидејќи нивните совети, одлуки и препораки се добри, а имаат и научна поткрепа за тоа. Слушнете ги дури и тогаш кога веќе сте одлучиле како да постапите, можеби советот ќе ви користи и ќе сфатите дека е добар во некоја друга слична прилика. Не мислете дека постарите секогаш се "прават" паметни. Тие во многу случаи тоа и се!