Нови видови животни се пронајдени на површина од 220 илјади квадратни километри густа прашума во централно Борнео, предел за кој се грижат Малезија, Индија и Брунејскиот султанат, се наведува во соопштението на WWF (Светската фондација за заштита на природата). Научниците од WWF апелираат до трите држави да ја гарантираат заштитата на биодиверзитетот наречен "Срцето на Борнео".
- Во просек откривавме три нови вида месечно, така што во текот на последните три години се откриени 123 видови, а во текот на последните 15 години бројката на новооткриени видови изнесува 600", изјавил Адам Томашек, директор на програмата "Срцето на Борнео".
Според него, интересно е што во оваа област живеат десет видови примати, повеќе од 350 видови птици, 150 видови рептили и водоземци и околу десет илјади растенија кои не можат да се сретнат на други места на планетава. Така, на пример, меѓу споменатите 123 нови видови е жабата без бели дробови Barburula kalimantanensis, која е откриена во 2008 година, која е долга седум сантиметри, со сплескана глава, а која дише само преку кожата. Истата година е откриен и најдолгиот инсект на светот Phobaeticus chani чие тело без пипалата достигнува должина и до 36 сантиметри! Тој изгледа како гранче и поради одличната мимикрија лесно се сокрива меѓу дрвјата или меѓу други дрвенести растенија. Од овој вид на инсект откриени се само три единки! На Борнео живее и еден од најнеобичните видови на полжави, таканаречен полжав "голтар", за кого научниците велат дека е посебен по "љубовните стрелички" со кои вбризгува хормони во партнерката за да ја зголеми нејзината репродуктивната способност. Инаку, во центарот на островот живеат и некои од загрозените видови, како што е, на пример, џуџестиот слон, леопард со дамки, суматранскиот носорог, орангутанот и некои животни кои би требало да се заштитат од изумирање, бидејќи ги има само на Борнео.
Според научниците од програмата, новооткриените животни го покажуваат богатството на биоразличноста на Борнео и притоа даваат и надеж дека ќе бидат откриени уште нови видови од кои некои би можеле да придонесат за пронаоѓање нови ефикасни лекови за некои тешки и засега неизлечиви болести, како што е, на пример, ракот и СИДА.