Со цела армада летала, кои орбитираат околу Марс, и со роверите, кои ползат по неговата површина, секојдневно добиваме многу фотографии од Црвената планета. Овие фотографии од сателитите на Марс - Фобос и Деимос се направени од камерата CRISM (Compact Reconnaissance Imaging Spectrometer for Mars), која се наоѓа на вселенското летало MRO (Mars Reconnaissance Orbiter). Фотографиите се направени додека леталото се наоѓало над темната страна на Марс, и површината долу била темна.
Фотографијата од Фобос покажува детали со големина до 400 метри во дијаметар додека таа на Деимос покажува детали со големина до 1,3 километри во дијаметар.
Фобос има дијаметар од 21 километар, и орбитира околу Марс за 7 часа и 39 минути, на оддалеченост од околу 6 000 km. Бидејќи месечината орбитира околу планетата побрзо отколку што ротира, изгледа како Фобос да патува наназад на небото, доколку некој го набљудува од површината на Марс. Тоа, сепак, е само илузија. Иако е мал, Фобос орбитира толку близу до Марс, што на небото би се гледал како да е 1/3 од големината на нашата Месечина.
Деимос е помал, има дијаметар од 12 километри. Бидејќи се наоѓа подалеку во однос на Фобос, орбитира околу планетата за 1 ден, 6 часа и 17 минути. Деимос не е доволно голем за кај него да можете да распознаете некои релјефни карактеристики, доколку го гледате од површината на Марс. Тој ќе изгледа само како една светла ѕвезда на ноќното небо.
Првите набљудувања на овие сателити од некое вселенско летало беа направени од Маринер 9 и Викинг. Тие открија дека сателитите имаат многу мало албедо и изгледаат слични по структурата како јаглерод-хондритните метеори. Според ова откритие, се претпоставува дека овие сателити се најверојатно заробени астероиди.