Рубрика: Биологија
Бактерија што може да не направи поумни и посреќни
Автор: Калина С. Андонова
Објавено на 17.09.2012 - 17:18

Многупати и од многумина веројатно сте слушнале дека убаво се чувствуваат кога работат во градината или кога го поминуваат денот во природа одморајќи на некоја зелена ливада. И сигурно, кога сте го слушнале тоа, како и јас, сте мислеле дека тоа е заради чистиот воздух или радоста дека она што го одгледувате расте, се развива, цвета… Но ете, не било тоа единствената причина! Научниците откриле дека со изложување на еден вид на бактерија која се наоѓа во почвата се намалува анксиозноста и се зголемуваат умствените способности. Со други зборови, во почвата постои бактерија која ни го прави животот поубав. Дороти Метјус, која вршела истражувања во врска со оваа бактерија, открила дека и способностите за учење се зголемуваат кога бактеријата се внесува преку храната или се вдишува.
Неверојатната бактерија за која станува збор, е Mycobacterium vaccae, и често се случува луѓето несвесно да ја вдишат кога престојуваат одредено време во природа. Отакако глувците биле "нахранети" со овој вид на бактерија, Метјус и нејзините колеги направиле тестови во кои глувците требало да се снајдат пуштени во лавиринт. Откриле дека оние кои биле нахранети со бактеријата за два пати побрзо го поминувале лавиринтот и кај нив било забележано помалку анксиозно однесување отколку кај другите глувци.
Дороти Метјус смета дека доколку се покаже дека оваа бактерија има сличен ефект и кај луѓето, тогаш самото престојување во природа би требало да биде дел од вообичаените активности за подобрување на нашето духовно здравје и нашите способности. Тоа би значело дека би требало да стане вообичаена практика училиштата да одржуваат настава на отворено, каде е присутна оваа бактерија со цел да им се подобри способноста за учење на учениците и студентите.
Истражувањата исто така откриле дека кога оваа бактерија е инјектирана кај глувци, го стимулира растот на нивните неврони и предизвикува зголемување на нивото на серотонин, а како резултат на тоа се намалува анксиозноста. Заради овој факт, кај истражувачите постои надеж дека бактеријата би можела да има и антидепресивни својства. Истражувачите сметаат дека намалената анксиозност, зголеменото ниво на серотонин и подобрената способност за учење, не се единствените бенефити кои ги дава ова бактерија, затоа одлучиле да истражуваат и понатаму.
Интересно нели-можеби еден ден ќе постојат спрејови или таблетки со оваа бактерија по кои луѓето ќе посегнуваат секогаш кога ќе забележат дека нешто не им оди како што треба, дека се депресивни или учењето не ги дава посакуваните ефекти. Дотогаш престојувајте што почесто во природа или барем имајте било каков контакт со земјата, за да бидете поумни и посреќни!