Рубрика: Биологија
Музикални ли се животните?
Автор: Калина С. Андонова
Објавено на 08.08.2012 - 14:00

Истражувањата на Роберт Друс, претседател на Институтот за херпетологија на Академијата за природни науки во Калифорнија, откриваат чудни нешта поврзани со слухот на некои животни. Така, тој утврдил дека кобрите, за кои се мисли дека играат на музика, всушност, немаат надворешни уши и не можат да слушаат. Овие животни единствено реагираат на сопствените звуци, а нивниот "танц" се состои од одбранбени движења и се реакција на движењата на свирачот!

Инаку, специјалност на Роберт Дус се жабите, кои за разлика од кобрите имаат навистина развиени уши бидејќи перципирањето звуци во воздухот за нив значи опстанок. Друс толку долго ги проучувал жабите, така што тврди дека со врзани очи може да препознае 15 различни видови жаби слушајќи ги само нивните повици. Низ своите истражувања тој исто така, утврдил, дека мажјакот-жаба крека единствено за да ја повика женката, а женките имаат внатрешни уши со кои можат да ги слушаат само жабите и жабоците од својот вид. Притоа, секој повик се разликува кај одреден вид жаби.

Краусе, пак, музичар и екологист што соработувал со Стиви Вондер, Реј Манзарек од "Дорс" и со Џорџ Харисон, во врска со "музикалноста" и слухот на животните вели:
"Со некои музичари им свиревме на китови-убијци и на делфини. И едните и другите во почетокот се колебаа, но бидејќи звуците им личат на оние што ги испуштаат припадници на сопствениот вид, стануваат љубопитни да дознаат кој е тој што испушта такви звуци и дали можат да комуницираат со него. Животните реагираат на она што ние го нарекуваме музика, но не можеме да знаеме како тие, всушност, размислуваат за тоа. Птиците мавтаат со главата на ритми од музика, мајмуните бонобо свират на клавијатура заедно со Питер Габриел, но со ова ние само им ги додаваме нашите атрибути на животните."

Интересно е неговото тврдење дека ние сме ја научиле музиката од природниот свет и, сé уште, одредени изолирани групи луѓе во светот свират заедно со природата. Таков пример е племето Калули од Папуа Нова Гвинеја, кое ги меша гласовите на изведувачите-музичари со звуците на природата, што претставува примитивен начин на тоа како луѓето научиле да бидат полифони, односно да пеат со повеќе од еден глас во група или во хор. Дружењето со змиите почнало на ист начин. Луѓето пееле и танцувале со нив, но пред илјада години тие не знаеле дека, всушност, тие и не можат да го слушнат звукот од инструментот затоа што немаат уши.

via GIPHY

И на крајот, за оние кои не знаат што е херпатологија која беше спомната на почетокот од написот и за да не помислат дека тоа е наука за вирусот "херпес", појаснување: херпетологија е наука за влекачи и водоземци составена од грчките зборови "херпетон" што значи животни што лазат и се влечат и зборот "логос"што значи знаење. Херпетологија е наука за влекачите, рептилите и водоземците.

Бонобо мајмуните свират на клавијатура со Питер Гебриел
Клучни зборови: