Едно истражување на Универзитетот "Салфорд" на тема социјални мрежи откри дека сервисите како Фејсбук и Твитер ги тераат корисниците да се чувствуваат нервозно и неадекватно (несоодветно/неприспособено). Резултатите од истражувањето кое опфатило 298 учесници покажаа дека 50% од корисниците увиделе промени во своето однесување кон полошо. Од тоа, од 53% учесници кои пријавиле промени на однесувањето, 51% ја опишале промената како негативна.
Причината поради која се намалила самодовербата на корисниците е постојаната споредба на нивните достигнувања со оние на нивните онлајн-пријатели. Уште повеќе, две третини од испитаниците пријавиле дека не можеле да се опуштат и цврсто да заспијат по активното користење на мрежите, додека една четвртина признале дека по "сесиите" останале да размислуваат и да решаваат за личните или професионалните проблеми по онлајн-соочувањата. Показател за создавањето на чувство на зависност од овие мрежи е и фактот што 55% од испитаниците чувствувале голема доза нелагодност ако не можеле да пристапат на Фејсбук или да ја проверат својата електронска пошта. Што е полошо, дури 60% од корисниците морале физички да ги исклучат своите уреди за да одморат од онлајн-"социјализирањето", бидејќи не биле во состојба да ги игнорираат звучните сигнали за примени пораки, нови објави и подновени статуси.
Доколку некаде во описите од овие неколку редови се најдовте и себеси, вашата Фејсбук-зависност можете да ја проверите на Берген-скалата за зависност од Фејсбук. Тестот направен од страна на психолози од Универзитетот во Берген се состои од одговарање на само шест прашања, со пет понудени одговори: 1. многу ретко; 2. ретко; 3. понекогаш; 4. често; и многу често.
Прашањата се следните:
1. Дали поминувате многу време размислувајќи за Фејсбук или на планирање за негово користење?
2. Имате ли потреба сè повеќе и повеќе да го користите Фејсбук?
3. Го користите ли Фејсбук со цел да заборавите на личните проблеми?
4. Дали безуспешно сте се обиделе да ја намалите употребата на Фејсбук?
5. Дали станувате неспокојни и вознемирени доколку сте во неможност да корисите Фејсбук?
6. Дали толку многу го користите Фејсбук, што ова негативно се одразува на вашата работа или студии?
Ако на четири од овие прашања сте одговориле со често и многу често, тогаш сте во неволја и време е да побарате помош од стручно лице кое ќе ви помогне да се справите со вашата зависност.