Рубрика: Астрономија и астронаутика
Планетите може да орбитираат и во спротивни правци
Автор: Билјана Дијанисиева
Објавено на 19.07.2012 - 11:15

Сончевиот систем е "еднонасочна улица". Имено, сите планети, како и сите други тела кои се дел од системот, орбитираат околу Сонцето во иста насока. Тоа важи и за телата од Кајперовиот појас кои беа откриени во изминативе неколку години. Колку што ни е нам познато, во Сончевиот систем не постои ниту едно тело кое орбитира во спротивна насока. Ова е сосема логична последица на актуелната теорија за формирањето на Сончевиот систем, според која Сонцето и сите други тела во системот се создале од еден ист огромен облак од прашина и гас, кој ротирал околу сопствена оска на ротација. При дефинирањето на поединечни тела во системот, насоката на ротацијата на облакот ја определила насоката на орбитирањето на секое тело.
Во еден ѕвезден систем кој се наоѓа во соѕвездието Змијоносец (Ophiuchus), на оддалеченост од околу 500 светлински години од Земјата, во центарот се наоѓа млада ѕвезда, а во дискот од материја околу ѕвездата сè уште се нема формирано ниту една планета. Научниците претпоставуваат дека формирањето на првите планети во тој систем би се случило за неколку милиони години. Но, со оглед на насоката во која орбитира дискот од материја околу матичната ѕвезда, повеќе од сигурно е дека планетите што ќе се формираат во него ќе орбитираат во спротивен правец.
Можноста да се создадат планети кои орбитираат во спротивна насока околу иста матична ѕвезда е навистина шокантна за научниците. Тоа навестува дека процесот на формирање на планети може да биде многу покомплициран отколку што се мисли сега.
Првата претпоставка за тоа како се формирал овој ѕвезден систем е дека наместо од еден, тој настанал од два одделни облаци од прашина и гас, кои се споиле, но ја задржале сопствената насоката на ротирање.