Рубрика: Автомобилска техника
Домет на електроавтомобилот зиме и лете
Автор: Томе Скендеровски
Објавено на 18.07.2012 - 10:54

Прочуената германска фирма DEKRA која, покрај останатото, се занимава и со лабораториски услуги и испитување на производите, спроведе практично истражување за тоа како електричните автомобили функционираат во зима на многу пониски температури, т.е. околу 0°C. Испитувањето покажало дека при овие услови капацитетот на вградените акумулатори (батерии) се преполовува, а со самото тоа и дометот на електроавтомобилот се намалува за 50% од декларираниот. Уште повеќе, покажано е дека колку е пониска температурата до толку е помал дометот на електроавтомобилот со едно полнење.
Тестирањето е извршено на електроавтомобилот Citroen C-Zero. Во летно време (+22°C) дометот на овој автомобил е 138 km, а во зима на -5°C дометот е 65 km. За тестот да биде колку што е можно пореален, при тестирањето во лето вентилацијата била пуштена на средна јакост, а во зима греењето било вклучено на максимум, а грејачите на предното и на задното стакло биле вклучени околу 10 минути.
Помали губитоци се детектирани во конверторот и при уредот за загревање на кабината. Поголеми губитоци се појавиле во самиот погонски електромотор. При тестовите на испитен стол т.е. динамометар, експертите барале одговор на прашањето колку од складираната енергија во батериите на крајот доаѓа во погонските тркала за задвижување на возилото. Во лето, од расположливите 18,3 kWh, на погонските тркала е потрошено околу 56%. Овој процент во зима изнесува 22%. Оваа голема разлика пред сè е последица од значително намалениот капацитет на батериите на ниски температури.
Занимливо е тоа што практичните мерења покажале дека при температура од 22°C дури 20% од расположливата енергија во батеријата се губи заради внатрешните губитоци на високонапонските батерии. Самата управувачка електроника прави релативно мали енергетски губитоци. Доста негативно влијание на електричните губитоци имаат електричните уреди во автомобилот коишто работат на истосмерна струја со напон од 12 V, а се користат за работа на контролните уреди и светлата.