Милиони луѓе во светот се неподвижни или не можат да ги движат екстремитетите. Со цел да им се помогне на ова поле се вршат многу експерименти. Американскиот научник Метју Шефер открил техника која може да се приклучи на нервниот систем кај парализираните луѓе и повторно да ги активира нервите од мускулите на нивните парализирани нозете.
Шефер, кој е невролог и професор на универзитетот "Кејс Вестерн" во американската сојузна држава Кливленд, објаснува дека кај пациент-доброволец со електроди успеал да активира четири мускули на нозете. Истражувањето дало добри резултати, но се уште е рано да се зборува за оваа техника како медицинска терапија – истакнал Шефер. Тој исто така, тврди дека со помош на електрични сигнали успеал да ги придвижи нозете кај пациентот.
- Тој воопшто и не беше свесен дека ја движи ногата, бидејќи кај него, поради повреда на ‘рбетниот столб, врската на нервите во екстремитетите со централниот нервен систем е прекината. Електродите беа приклучени на нервите на нозете и дејствуваа самостојно - објасни тој.
Методот на Шефнер во академските кругови се смета за голем напредок, бидејќи првпат досега некој успеал да придвижи четири мускули, кои се неопходни за пациентот сам да стане од инвалидската количка. Медицинските експерти велат дека моторните нерви може да се споредат со телефонски кабли, бидејќи се составени од снопови нервни влакна кои имаат "електрична изолација", а секое од нив е поврзано со клетки од кои се составени мускулите.
Ваков сличен експеримент е изведен и во 2006 година, кога тим научници од истиот универзитет му овозможил на еден парализиран пациент, без никакви помагала, да стои на нозе две минути, но тогаш електродите беа поставени на површината на нервите, што се покажало како грешка, бидејќи таквата врска била слаба и не можела да допре до средишниот дел на нервниот сноп. Со методот на Шефер, осум електроди се забодуваат до средишниот дел на снопот од нерви во мускулот, со што се воспоставува подобра врска со нервните влакна и мускулите со кои тие се поврзани.
На ова поле се вршат многу експерименти, а научниците досега кај седум пациенти-доброволци со електроди успеале да ги придвижат мускулите и зглобовите на колената.
Експертите оценуваат дека со ова темпо на развој на технологијата, следен чекор е создавање компјутерски систем кој ќе ги координира електродите на екстремитетите со централниот нервен систем, со што пациентот повторно ќе добие целосна контрола врз своето тело.