Рубрика: Физика
Божјата честица на дофат!?!
Автор: Емилијан Иљоски
Објавено на 04.07.2012 - 18:52

Денес, 4 јули 2012 е голем ден не само за ЦЕРН и атомската физика, туку за науката и човештвото воопшто! Имено, по денешната прес-конференцијата предводена од два независни тима на ЦЕРН: ATLAS и CMS, научното поимање на светот може од корен да се промени!
Двата независни тима научници од проектите ATLAS и CMS на кои не им беше дозволено да ги споделуваат резултатите на истражувањата извршени на големиот хадронски судирач (LHC) за кој Емитер детално има пишувано на повеќе наврати, ги презентираа најновите резултати на своите истражувања врзани со Хигсовиот бозон, познат и како божја честица. И двата тима имаат цврсти индикации за постоењето на новата честица со еквивалентна маса во подрачјето на 126 илјади милјарди електрон-волти (GeV). И двете истражувања покажаа степен на веројатност на постоење на честицата од 5 сигма (5 точни значајни цифри = 99,999% точност) што според важечките стандарди во светот на науката означува откритие!
Истражувањата се темелат на надгледување и анализа на илјади милјарди меѓусебни судири на протони извршени во големиот хадронски судирач на енергии до 7 TeV. Овие судири произведуваат фотони со голема енергија како производ на распад на еден Хигсов бозон што е конзистентно со стандардниот модел, односно со поимањето дека сè во универзумот е создадено од 12 основни честици раководени од 4 основни сили.
Хигсовата честица е именувана во чест на Питер Хигс, кој го предвидел нејзиното постоење пред 48 години во неговата теорија која го објаснува пореклото на маса кај елементарните честички и дава директна врска меѓу слабата нуклеарна сила и електромагнетната сила. Додека носители на електромагнета сила се фотоните кои се честици без маса, носители на слабата нуклеарна сила се честиците нарачени W и Z кои имаат маса. W и Z честиците се откриени во ЦЕРН уште во далечните 80-ти години од минатиот век, но механизмот кој им дава маса остана непознат и се чини дека Хигсовиот бозон е решението!
Останува уште да видиме дали конечното физичко откритие на Хигсовиот бозон ќе доведе до еволуција во поимањето на физичкиот свет, или тоа ќе претставува револуција која ќе ги урне препреките кои не ни дозволуваат да го осознаеме универзумот во потполност.

Клучни зборови: