Во пет различни наврати, вселенското летало Марс Експрес го сликаше познатиот кратер Гале (Galle Crater) на Марс, кој неодоливо потсетува на мало лице што се смее. Фотографиите, направени од стереокамерата со висока резолуција (High Resolution Stereo Camera - HRSC) за време на орбитите 445, 2383, 2438, 2460 и 2493, подоцна биле споени во оваа финална слика, со површинска резолуција од 15 метри на пиксел.
Во јужниот регион на кратерот може да се забележат поголеми наслаги од некаков седимент со темна боја. На неколку места по должината на внатрешните ѕидови на кратерот се гледаат и паралелни "корита", кои најверојатно се формирани под дејство на некоја течност. Сепак, самото дно на кратерот е оформено под дејство на атмосферски влијанија, пред сè, под дејство на ветровите на Марс.
Кратерот Гале има дијаметар од 230 km, а се наоѓа на источниот раб на рамнината Аргире (Argyre Planitia). Овој карактеристичен кратер, неформално познат како "среќно лице" (happy face crater), за прв пат беше фотографиран за време на мисијата Викинг 1 (Viking 1). Кратерот е именуван според германскиот астроном Гале (J.G. Galle; 1812-1910).