Според новата европска регулатива, од 1.11.2012 сите нови автомобилски гуми кои ќе се продаваат во Европската Унија ќе мора да имаат унифицирана етикета со димензии 75 x 110 mm (portrait ориентација) на која на јасен визуелен начин ќе бидат прикажани оценките за основните експлоатациски параметри во функција на нагласена безбедност и еко функција на гумите. Етикетата ќе биде залепена на газниот слој на гумата, а оценките за дадените параметри ќе мора да ги има и на сметката за купената гума.
Се работи за вреднување на три значајни параметри. Тоа се: отпорот од тркалање на гумата кој треба да е што е можно помал (класа A, B или C) при што се заштедува значајна количина гориво, потоа, држењето (коефициентот на прилепување) на гумата на влажен коловоз, т.е. мерење на патот на кочење по мокра подлога, што директно придонесува за безбедноста во сообраќајот и, на крајот, се оценува надворешната бучава што ја произведува гумата при нејзиното тркалање. Начинот на прикажувањето на параметрите е сличен на оној за оценка на енергетската ефикасност кај електричните уреди за домаќинствата (фрижидери, шпорети и сл.).
Сепак, не се работи само за налепница која мора да биде приложена на гумата, туку таа е последица од новиот правилник за квалитет на автомобилските гуми. Гумата мора да исполни минимален праг на квалитет за да може да биде понудена за продажба. Целта на оваа европска регулатива е значајно да придонесе за безбедноста во сообраќајот на патиштата, значајно да се намали потрошувачката на гориво, како и да се намали нивото на бучава во сообраќајот.
Секогаш треба да се избере квалитетна гума, а информациите во оваа етикета се од пресудна важност за да се направи тој избор.
Во следниот број на ЕМИТЕР ќе понудиме напис во кој поопширно ќе се осврнеме на оваа значајна новина од светот на автомобилските гуми, кој на директен или индиректен начин сите нас нè засега.