Стекнатиот ексклузивитет на антрополошка припадност при раѓањето во ниту еден момент не нè ослободува од автоматски преземената одговорност за остатокот од живиот планетарен свет. Постоењето на конкретна свест од таков вид (практично имплементирана низ најсовремените научно-технички трендови и достигнувања), во комбинација со сè погласните признанија за историските човекови гревови кон овоземската флора и фауна, можат да се вообличат во солидна основа за перспективно ревитализирање на некогашниот профил на глобалниот растителен и животински свет. Првенствено низ обидите за вештачко реанимирање (клонирање) на "алките кои недостасуваат", претставени во ликот на сега веќе истребените животински и растителни видови. Носител на најголемите шанси за историско "воскреснување" засега е легендарниот тасманиски тигар (Tylacine), чија биолошка егзистенција човекот карактеристично кусогледо и исклучително сурово ја прекинал 1936 година, а како "извршител" на овој проект фигурира група ентузијасти од сиднејскиот Австралиски музеј (Australian Museum), координирана од микробиологот д-р Карен Фајрстоун (Dr Karen Firestone). Проектот е започнат 1999 година, како лабораториски обид за издвојување на екстракти на ДНК од зачувуваните Tylacine-ови остатоци (коскени сегменти и потполно сочуван примерок на младенче) и нивно реплицирање во подолги ДНК нишки. Процесот на реконструирање на севкупниот геном, потпомогнат со синтетички оформените ДНК клетки и ДНК реконструктивни ензими, се соочуваше со низа, повеќе или помалку, очекувани потешкотии, олицетворени, пред сè, во необичното структурално дегенерирање на формираните ткивни фрагменти, што веќе ја доведува во прашање проценетата ефикасност на започнатиот процес. Во секој случај:
" Нашата првична идеја е комплетирање на помала популација тасманиски тигри и нивно оптимално успешно вклучување во природните текови, иако во овој момент не сум наполно убедена во успехот на можниот резултат. Тасманискиот тигар е последниот претставник на едно големо семејство животински видови и вистинска "икона" на ова поднебје. Истребен е од страна на човекот, што значи дека човекот има несомнена обврска да направи сè за повторно да го создаде!" д-р. Карен Фајрстоун (Австралиски Музеј - Сиднеј)
Идејата но и дилемата за оживување на тасманискиот тигар повремено се повторува во научните кругови озобено откако група научници од Универзитетот Пен Стејт во 2009 година успеа во секвенционирањето на генот на тасманискиот тигар со помош на новите методи на секвенционирање и пресметки кои ги развија Веб Милер и Стефан Ц. Шустер. Милер е професор по биологија и компјутерски науки и инженеринг додека Шустер е професор по биохемија и молекуларна биологија. Овие истражувачи во секвенционирањето соработувале со Андерс Гетерсторм од Универзитетот Упсала во Шведска, со работка која претходно го овозможила секвенционирањето на ДНК-та на мамутите.
Прашањето и можноста за новото раѓање на тасманискиот тигар сè уште е предмет на дебати по овие неколку научни откритија.