Во ерата на модернизмот низ која секој од нас се обидува повеќе или помалку успешно да "плива", на листата составена од сите познати и препознатливи "ноќни мори", кои предизвикуваат вистински уплав меѓу производителите и корисниците на електронски системи и уреди, влагата, како проверен "штетник", дури и електронските лаици ја котираат на високо место.
Меѓутоа, именката со која ја опишуваме гореспоменатата егзистенцијална ера и не би била токму таа да не ни овозможува речиси секојдневно нов научно-технички продор во старите сознанија, трансформирајќи ја нивната прочуена "штетност" во зачудувачка полезност.
Екипа истражувачи, составена од научници од три американски високообразовни институции (Универзитетот на Пенсилванија, Универзитетот Дрекслер и Универзитетот Харвард), низ низа од лабораториски опити неодамна утврдиле дека мали количества вода овозможуваат формирање на густо "спакувани" складишта на податоци во одделните конструктивни елементи на најсовремените сметачки и останати електронски машини. Зачудувачкиот резултат на нивната работа се состои во предлогот за зголемување на делотворноста на постапката за стабилизирање и контрола на т.н. фероелектрицитет* во наносклоповите, со обрабување на наведените електронски елементи со вода!! Имено, постоечките наножици (со дебелина од само неколку атоми во дијаметар!), кои можат да се претворат во исклучително доверливи мемориски елементи, покажале забележително стабилизирање на мемориските битови откако биле опкружени со мали количества најобична вода! Што, "во превод", би значело дека клучен елемент во подигнувањето на нивото на "паметење" кај деловите наножици, чија дебелина изнесува речиси три милијардити делови од метарот, е течноста која може да се најде во славините на секое домаќинство!
Смелите претпоставки, кои се вообичаен "пост-декор" на ваквите и слични сознанија, веќе укажуваат на изразените густини на складирање на податоци кои комбинацијата од наножици и вода ќе ги овозможи, а кои се движат во опсегот од 100 000 тера-бити на кубен сантиметар. За оние попрактичните, тоа значи складирање на песни на најобичен iPod кои непрекинато би се слушале во наредните 300 000 години, или, пак, складирање на филмови на еден DVD носач на слика за следните 10 000 години!!!
*Фероелектрици – "умни" материјали кои поседуваат локални диполи, кои ги вклучуваат и исклучуваат за време на шифрирањето или складирањето на податоци.