Рубрика: Астрономија и астронаутика
Во вселената има преку 1 000 сателити
Автор: Радан Митровиќ
Објавено на 28.06.2012 - 10:17

Според истражувањата на Американската агенција за набљудување на вселенскиот простор (UCS), денес во вселенскиот простор околу Земјата и подлабоко во Сончевиот систем има преку 1 000 вселенски летала, кои се наоѓаат во оперативна состојба и се со најразлична намена.
Најмногу има телекомуникациски сателити, потоа следуваат воените сателити, додека останатите се научно-истражувачки, комерцијални и експериментални сателити, а тука се и меѓупланетарните вселенски летала и леталата каде што престојуваат луѓе. Прецизна бројка не може да се даде поради големиот број на воени сателити, кои официјално не постојат ;-).
Најголемиот дел од сателитите се во сопственост на Соединетите Американски Држави, потоа следува Русија, па Кина, Европската вселенска агенција, Јапонија, Индија, Франција, Англија и други држави, но со многу помал број.
Од почетокот на вселенската ера во вселената се лансирани преку 10 000 сателити и тоа најмногу од Русија или поранешниот СССР. Многу од овие сателити повеќе не функционираат, а многу од нив и согореа при влезот во атмосферата на Земјата.
Сепак, денес постојат преку 6 000 позиционирани објекти во ниска орбита околу Земјата, чија патека внимателно се набљудува поради безбедноста на сегашните и идните вселенски мисии. Интересно е што на овој список се наоѓаат и делови од сателитите, како и една ракавица и шрафцигер, кои биле загубени при некоја вселенска мисија. Сите тие тела кружат над нашите глави на височина од 200 до 2 000 километри.