Рубрика: Електроника
Минијатурни малкумоќни wi-fi модули за "интернетот на нештата"
Автор: Емилијан Иљоски
Објавено на 27.06.2012 - 10:01

Долгонајавуваниот "интернет на нештата" (internet of things) каде што милиони сензори и актуатори ќе бидат интегрирани во една единствена мрежа: интернетот, сè повеќе ја добива својата физичка димензија првенствено преку нови сензори, актуатори и контролори специјално дизајнирани за таа намена. Таква е и минијатурната и малкумоќната WiSmart EC32Wxx вградбена (embedded) Wi-Fi платформа на eConais. Таа ги содржи сите потребни компоненти за безжично поврзување сензори и актуатори на интернет-мрежата преку TCP/IP протокол и со користење WPA/WPA2 стандарди за дешифрирање.
Модулот WiSmart EC32Wxx е навистина мал (27,5mm x 18,5mm x 1,5mm) и троши на 3,3 V само 1,1 mA во нормален работен режим, околу 50 mA при прием и 219 mA (на 18dBm) при работа на предавателот. Платформата воедно ја поддржува 802.11 шемата за заштеда на енергија преку оптимизирање на ефективното работно време на големите потрошувачи: приемникот и предавателот.
Работниот такт на микроконтролорот е 72 MHz. Зависно од моделот, вградени се 48 до 64 KB RAM и 256 до 512 KB флеш-меморија. Моменталната цена е 15 американски долари / парче за нарачки поголеми од 1000 парчиња.

Клучни зборови: