Научниците на Универзитетот во Охајо успеале за првпат да го снимат движењето на атомот внатре во молекулата, и тоа со помош на нова технологија со која еден електрон од молекулата бил претворен во нешто што личело на блескава светилка. Оваа техника овозможила да се создаде сосема нов начин на снимање на молекулите. Тие веруваат дека еден ден на овој начин ќе можат да снимаат и што се случува во хемиските реакции, а со тоа истите да може и да се контролираат.
Фотографиите се снимени со помош на ултрабрз ласер, кој "исфрлил" 50 фемтосекундни пулсеви (една фемтосекунда е квадрилион од секунда), со што било овозможено снимање на електронот надвор од надворешната обвивка. Тој електрон, кој е исфрлен од своето место, се враќа назад удирајќи во молекулата и додека тоа се случува создава еден вид светлина која на научниците им е потребна да ја фотографираат молекулата и атомите во неа, (Ова е нешто како блиц!).
Со мерење на сигналот од електронот кога удира во молекулата научниците успеале да ја реконструираат внатрешноста на молекулата заедно со положбата на атомите. Иако времето е многу кусо, тие успеале да снимат сè што се случува внатре во молекулата. Така, тие направиле "краток филм" за движењето на атомот внатре во молекулата.
Во експериментот биле снимани атоми на кислород и азот. Во иднина научниците планираат да снимаат атоми во многу посложени молекули и на крајот се надеваат дека ќе успеат да снимат како се одвиваат хемиските реакции за да може истите да се контролираат.