Човечкото тело за време на дневните активности многу се заморува, па затоа му е потребен одмор.
Според Мери Карскадон (Mary Carskadon), директор на Истражувачката лабораторија за сон и хронобиологија од Провиденс (Sleep And Chronobiology Research Laboratory in Providence), некои од промените во телесните функции можат да ни помогнат во задржување на спиењето за одреден период со цел да можеме повторно да ги наполниме "батериите". На пример, кога спиеме не гледаме, слабо слушаме, а чувството за мирис е намалено. Како резултат на тоа малите промени во околината не нè вознемируваат и не нè будат од спиење. Некои рефлекси, како кашлање и кивање, исто така се изгубени, најверојатно поради намалената сензитивност на дразба во носот и грлото. Сепак, нашите сетила остануваат доволно реактивни за да можат во случај на екстремни стимуланси од околината потполно да нè разбудат.
Други, пак, физиолошки процеси, кои не ги забележуваме, можат сосема да исчезнат за време на РЕМ-фазата од сонот, кога, всушност, сонуваме. Еден од тие драматични процеси е губењето на способноста за регулирање на температурата. Во РЕМ-фазата, мозокот повеќе не го активира центарот за регулација на температурата. Исклучувањето на овој процес најверојатно еволуирало за да се зачува енергија за време на спиењето.
Исто така, за време на РЕМ-фазата, мозокот испраќа сигнали до моторните неврони (нерви кои предизвикуваат контракција на мускулите) да ја намалат својата надразливост, парализирајќи одредени мускули. Ваквата парализа ни овозможува да ги доживееме нашите соништа, колку и да биле тие активни, без да мрднеме мускул. Ако системот за автопарализа откаже, тогаш човекот може вистински да ги доживее своите соништа со тешки последици.