Рубрика: Математика
Што е, всушност, алгоритам?
Автор: Миле Серафимовски
Објавено на 16.06.2012 - 12:52

Овој израз се среќава во математиката и во компјутерската примена, а во поново време и во областа на аудиото; особено е присутен, на пример, во производството на реверберација на дигитален начин или во постапките за компресија на аудиосигналот (и на видеосигналот). Неговата дефиниција може едноставно да се искаже со:
Алгоритам е одреден конечен број на прецизно опишани инструкции што треба да се извршат со дадените податоци по одреден редослед заради добивање решение на некој проблем.
Некој алгоритам за производство на реверберација не е ништо друго туку збир на сите инструкции, или компјутерски чекори, со кои податоците на влезот на уредот за реверберација се користат за пресметување на излезните податоци кои ќе ги претставуваат посакуваните реверберациски резултати.
Потеклото на зборот "алгоритам"може да се бара наназад во средновековието во латинизираното име al-Khwarizmi, арапски писател преку чија најпозната расправа се дојде и до името на уште еден поим; алгебрата. Тој живееше во 9-тиот век, во времето на владеењето на Каролиншката династија во Франција, Германија и Италија. Во некој подоцнежен труд, преведен на латински како De numero Indorum (On Numbers of the Indians), al-Khwarizmi ги претставува правилата за сметање со броевите што ги користат Индусите. Сепак, како што одминуваше времето, несомнено огромниот придонес на Индусите беше заборавен, и al-Khwarizmi почнаа да го сметаат како автор на овие правила. Неговот :о европеизирано име, Algorithmus, стана синоним за правилата за собирање, одземање, множење и делење и воведување на децималниот систем на броевите адаптиран од арапскиот свет. Едно значително подобрување што го овозможи овој систем беше воведувањето на симболот за нулата, кој не постоеше во римскиот систем на броеви.
Поборниците на новите методи во сметањето беа наречени алгористи, додека поддржувачите на класичниот, римски систем беа познати како абакисти, според познатата римска сметалка наречена абакус.