Најновите модели компактни радиоаматерски уреди овозможуваат нивна лесна преносливост и употреба од најразлични локации, неретко во импровизирани услови. На радиоаматерските опсези сè почесто можат да се слушнат радиостаници кои се активни од издвоени локации, како што се национални паркови, морски, езерски или речни острови, планини и планински врвови, историски тврдини, поморски светилници и многу други интересни локации.
И македонските радиоаматери постепено се приклучуваат на овој растечки тренд. Во минатата и оваа година се реализирани куси активирања од нашите три национални паркови, Пелистер, Маврово и Галичица, во рамките на меѓународниот радиоаматерски програм WFF – World Flora and Fauna, од Скопско кале и Самоилова тврдина во рамките на меѓународната радиоаматерска програма WCA - World Castles Award, од македонските планини Кораб, Баба, Водно, Китка, Галичица, Јабланица, Бистра, Кожуф и др. во рамките на програмата WMA – World Mountain Award, од повеќе планински врвови меѓу кои и неколку со надморска висина над две илјади метри, како Голем Кораб и Зелен Брег, во рамките на програмата SOTA – Summits Оn Тhe Аir.
Ваквите радиоаматерски активности, покрај зголеменото задоволство во практикувањето на ова хоби, овозможуваат и стекнување драгоцени искуства за работа во теренски услови, што е од големо значење за подготвеноста радиоаматерските комуникации да бидат употребени во вонредни околности.