Рубрика: Информатика
Метаподатоци во библиотекарството
Автор: Милена Бојаџиска
Објавено на 12.06.2012 - 12:41

Метаподатоците се податоци за податоците. Тие носат куса информација за дигиталниот објект што го опишуваат и со нивна помош лесно и бргу се идентификува и се отвора дигиталниот објект. Така, кога сакаме да најдеме и да отвориме некој податок од интернет, наместо да го читаме целиот објект доволно е да го прочитаме неговиот метаподаток и врз основа на него ќе одлучиме дали ќе го отвориме целиот документ. Со тоа добиваме во време при барањето на интернет.
Записот на метаподатокот содржи информација за содржината, контекстот, физичкиот облик на објектот и за локацијата на истиот. Тој се состои од ограничен број елементи кои имаат свое име и своја вредност.
Постојат различни шеми за запис на метаподатоци. За библиотеките, архивите и музеите е усвоена шемата Dublin Metadata Core Element Set (позната како Даблин Кор). Оваа шема била создадена на Работилницата за метаподатоци во март, 1995 г. во Даблин, Охајо. Таа е сет од 15 елементи од метаподатоци и е прифатена како стандардна шема за каталогизирање на е-ресурси. Елементите содржат информација која се користи во повеќе научни области и таа би требало да биде доволна за добивање и идентификација на е-ресурсот. Со ваквиот заеднички сет на елементи се постигнува подобра соработка помеѓу различните научни дисциплини.
Елементите од сетот се поделени во три групи во зависност од тоа каква информација е складирана во нив:
1. Елементи што се однесуваат на содржината на изворот. Тоа се: наслов, предмет, опис, извор, јазик, релација, покриеност.
2. Елементи што се однесуваат на интелектуалната сопственост. Тоа се: автор или креатор, издавач, секундарно авторство (како уредник, илустратор, преведувач), права.
3. Елементи што се однесуваат на физичката манифестација на изворот: дата, тип, формат, идентификатор (локатор).
Со релацијата се определува врската на објектот со другите ресурси (на пр., слики во документ, глави во книга, предмет во колекција). Со покриеноста се определува локацијата и карактеристиката на ресурсот што се однесува на временското траење на ресурсот. Со правата се определува правото на авторство, правото за објавување на документот, со еден збор се регулира управувањето со документот. Записот може да го креира самиот автор на документот и во него тој ги вметнува поважните елементи од делото.
Самиот запис, онака како што се внесува, е неразбирлив за компјутерот и затоа треба да се обработи (преведе на машински јазик) со соодветен компјутерски програм. Бидејќи постојат различни шеми за запис, постојат и различни компјутерски програми што работат со нив. За да може сите тие да постојат независно едни од други, а, сепак, за да има соработка меѓу метаподатоците што опишуваат е-објект со своја адреса, конзорциумот WC3 (World Wide Web Consortium) креирал работна рамка за метаподатоци Resource Description Framework (RDF). Компјутерски програм за Даблин кор шемата е метајазикот XML (eXtensible Markup Language) XML.
Пример за тоа како изгледа метаподаток за е-објект може да се најде на веб-страницата:
http://www.metamorphosis.org.mk
Во полето Изданија притиснете на Водич за CC. Ќе добиете метаподаток за изданието. Во записот на метаподатокот се наведени елементите: име на документот, големина на документот, тип на документот, дата на креирање (физичка манифестација), креатор (интелектуална сопственост).
Откако ќе го прочитате метаподатокот, сте добиле информација за самиот документ и врз основа на неа може да одберете помеѓу тоа дали да го отворите документот или да продолжите со претходната акција.