Текстот нема за цел да ве наведе на помисла дека не треба да учите и да се образувате. Наменет е повеќе за родителите, но и за сите оние кои во трката по оцени и награди пропуштаат многу суштествени работи битни за понатамошниот живот. На сите ви е познато дека секојдневно сме преплавени со премногу активности. На желбите за брз успех и постигања за зголемување на материјалните добра им стануваат робови и родителите и децата. Советите од типот дека детето треба да е одлично, да има многу дипломи од разни активности сè повеќе стануваат кошмар, од страв дека ако не биде така нема упис во саканото училиште, факултет, нема вработување итн...
Истражувањата покажуваат нешто друго. Подобро е една-две активности со добри резултати отколку повеќе со не така добри.
Листата на резултатите од истражувањата е полна со млади професионалци, кои родителите ги притискале, сè повеќе и повеќе да бидат најдобри во средно училиште и на факултет, поради имагинарниот страв дека ако не биде така ќе биде несреќно во животот, заборавајќи дека детето ќе биде понесреќно ако се исклучи од многу животни радости и ако не го прави она што го сака и за што, всушност, го бидува.
Во истражувањата направени на Харвард, излегло дека студентите од машкиот пол со највисоки оцени биле најмалку среќни, продуктивни, приспособени, и имале пониски примања во средното доба од животот, од своите колеги со пониски оцени. Во Илиноис од 81 дипломиран средношколец кои биле првенци на генерација, само четворица биле со највисок статус во својата одбрана професија. Дест години подоцна биле со понизок статус.
Според Арнолд Карен, професор на универзитет во Бостон, добрите оцени значат дека тој или таа се добри во нешто што е мерливо со оцена, а тоа ништо не кажува како ќе реагираат и како ќе се снајдат со сето она што ги чека во животот. Ова значи дека ако се буткаат децата со сила кон целта која ја замислиле родителите, или тие самите, можат да се создадат несреќни возрасни луѓе, или во крајна линија умерено среќни.
Исто така, многу се греши кога се мисли дека коефициентот на интелигенција (IQ) е пресуден за здрав урамнотежен и среќен живот. Тој помага, пожелен е да биде повисок, но индивидуата може да биде среќна и исполнета и како занаетчија, а не само како научник или врвен уметник. И кога сме кај овој фамозен коефициент еве ја неговата вредност кај некои познати личности: Алберт Ајнштајн 160, Наполеон Бонапарта 145, Микеланѓело 180, Дарвин 165, Леонардо да Винчи 220, Каспаров 190 итн. Баш е интересно како им го одредиле, сигурно не со тест за интелигенција!
Просечно интелигентен човек има IQ од 70 до 110 поени. Дали овие со висок IQ биле среќни не знам...
Значи, не е воопшто спорно дека е битно образованието, но за успешен живот и среќа потребно е многу повеќе од добри оцени или студирање на скап елитен факултет. Урамнотеженоста, емоционалната зрелост, самопочитта и самодовербата се многу важни и потребни нешта за успешен живот.