На далечните екстрасоларни "животни" планети тревата не е секогаш зелена.
Зелената боја на Земјата, е симбол на животот и на растежот, но една студија на НАСА покажа дека живите организми кои егзистираат на принцип на фотосинтеза, на други екстрасоларни "животни" планети може да имаат и друга боја, на пример, црвена, портокалова, жолта, или црна, но најверојатно не и сина.
Со процесот фотосинтеза, растенијата ја користат енергијата на сончевата светлина за да градат корисни органски молекули. На Земјата, кај растенијата тоа го прави пигментот наречен хлорофил. Тој апсорбира особено изобилно бои од спектарот на сончевата светлина кои имаат повисоко енергетско ниво, а кои досегаат до површината на Земјата почнувајќи од црвената до сината боја, додека ја рефлектира зелената боја, давајќи £ ја таа боја на вегетацијата. Но, дистрибуцијата на боите во светлинскиот спектар кој доаѓа до површината на други "животни" планети кои орбитираат околу други сонца, може да е различна. Во тој контекст биометеорологистот Нанси Кјанг (Nancy Kiang) од Годард Институтот на НАСА за Студии на просторот, објаснува: "Пигментот мора да се адаптира на спектарот на расположивата светлина".
Во тој контекст, Кианг и нејзините колеги испитувале различни фотосинтетички организми на Земјата за да проучат како тие искористуваат различни мешавини од бои во спектарот на сончевата светлина. Врз основа на тоа, тие потоа предвиделе кои бои ќе бидат најкорисни за фотосинтезата кај растенијата на "животни" планети кои орбитираат околу различни типови ѕвезди. Така, ѕвезди пожешки од нашето Сонце емитуваат спектар со претежно сина боја. Растенијата на "животните" планети кои орбитираат околу такви ѕвезди, може да содржат опсег на бои вклучувајќи црвена, портокалова и жолта како додаток на вообичаената зелена боја. Поладни ѕвезди, како црвените џуџиња - категорија ѕвезди многу вообичаена во универзумот - емитуваат потесен спектар на видливи бои. "Бидејќи кај нив видливата светлина е недоволна но е пожелна, можно е растенијата на "животните" планети кои орбитираат околу такви ѕвезди да имаат црна боја, бидејќи црните објекти ги апсобираат сите бои од спектарот", вели Кианг.
Сината боја можеби е најмалку веројатна боја на растенијата на секоја "животна" планета, бидејќи сите растенија ја искористуваат високата енергија на светлината со таа боја, но под извесни услови можно е и таа боја да биде застапена кај растенијата. "Гледајќи како пигментите на растенијата на планетите околу други сонца можат да се адаптираат, нас нè наведува да заклучиме како животот на нашата планета е посебно адаптиран според условите од нашето сонце", вели Кианг.