Американските научници нашле примероци од муслиманската уметност која датира од петнаесеттиот век, а во која се гледа користењето на квазикристалната геометрија. Во некои шеми дизајнерите употребувале математички решенија петстотини години пред тоа да го постигнат учените луѓе од западната цивилизација. Тоа укажува на интуитивно разбирање на комплексните математички формули, иако уметникот најверојатно не ја знаел теоријата за создавање на формите што ги користел за украсување. Неверојатно е тоа што тие правеле шари каде што се почитуваат многу софистицирани математички правила, кои се откриени и докажани во последните триесетина години од дваесеттиот век.
Во дизајните што ги правеле муслиманските мајстори содржана е геометрија, според која се употребени полигонални форми кои можат да се надоврзуваат бесконечно. Дека тоа не се обични цик-цак линии утврдиле научници од Хардвардскиот универзитет. Според Питер Луј од истиот универзитет, во почетокот овие шари биле едноставни, а со време станале сè пософистицирани и поусовршени. Инаку, Питер Луј е човекот што ги осмислувал физичките експерименти што се вршат во Меѓународната вселенска станица, а почнал да ги проучува овие шари после својата посета на источните земји, посебно на Узбекистан, каде се наоѓаат некои од најстарите градови. Вниманието му го привлекло едно исламско здание од шеснаесеттиот век, на кое имало исцртано дексагонални облици.
Во муслиманската уметност доминираат и се мешаат калиграфија, геометрија и цвеќиња, бидејќи исламската религија забранува сликање на човечки облици и ликови.