Теренските скенирања и анализи, преточени во официјални статистички податоци кои укажуваат на забележлив пораст на степенот на морталитет - како резултат од зголемениот број кардиоваскуларни заболувања карактеристични за регионите со изразено аерозагадување, полека го заокружуваат својот неопходен емпириски профил. Резултатите од серијата испитувања, извршени во "режија" на тимот стручни, пред сè, медицински лица од Универзитетот на Калифорнија (University of California), значително го потврдуваат знакот на еднаквост поставен помеѓу дејството на никотинските материи на човечкиот кардиоваскуларен систем и влијанието кое врз него го има сè поголемото загадување на атмосферата, на глобално ниво. Шокирајќи ја дополнително светската јавност, и онака заплашена од актуелните и перспективните негативни последици на комфорниот модернизам, американските научници сметаат дека индустриското и сообраќајното загадување на планетарната воздушна обвивка предизвикува стеснување на артеријалните крвни садови, сосема слично на пореметувањата кои настануваат како последица од изложеноста на организмот на тутунски чад.
Целна категорија на истражувањата биле урбани граѓани над 40-годишна возраст, чија егзистенција се врзува за средини со докажано зголемување на воздушното загадување, а волонтерската, реперна испитна група формирана е од 800 жители на милионскиот, исклучително аерозагаден Лос Анџелес. Доброволците се подложени на ултразвучно мерење на дебелината на ѕидот на каротидната артерија на вратот (главен крвоносен орган кој врши "прехрана" на човечкиот мозок), при што е утврдено зголемување на дебелината на крвниот сад за 5,9 % на секои 10 дополнително измерени микрограми аерозагадување на кубен метар атмосферска маса. Дополнителните анализи покажале исклучителна загрозеност на женската популација над 60 годишна возраст, кај која идентичното зголемување на штетни честички и материи во воздухот предизвикува задебелување на ѕидот на каротидната артерија за цели 15,7 %!!
Калифорниските научници сметаат дека ситните честички, кои во атмосферата доспеваат како резултат на различните процеси на согорување, навлегуваат во крвотокот преку респираторниот систем, предизвикувајќи на ѕидовите на крвоносните садови отпочнување на воспалителни реакции кои, во понатамошна, напредна фаза, лесно можат да доведат до појава на артеросклерозно заболување.