Истражувачите тврдат дека луѓето сè помалку ги паметат фактите и податоците, но сè повеќе ги паметат веб-страниците на кои можат да ги најдат, односно да ги прочитат нив. Дека тоа е така – нема сомнение, но пред да биде елаборирано ова тврдење мислам дека не е лошо, се разбира помладите читатели, да ги прочитаат овие неколку реченици – како објаснување што е веб-страница и WWW, нешта што секојдневно ги употребуваат, а многумина од нив не знаат што значат.
WWW, World Wide Web или само Web е назив кој доаѓа од англискиот јазик, а може да се преведе како "светска мрежа". Во англискиот јазик web има значење на разгранета и испреплетена мрежа, слична на пајажина, и е една од најкористените интернет-услуги којашто овозможува наоѓање на хипертекстуални документи (HTTP – Hyper Text Transfer Protocol). HTTP е збир на правила кои се користат за пренос на хипертекст-документи (веб-страници) кои содржат текст, слики и аудио и видеозаписи. Веб-страниците се поврзани со линкови, а за приказ на нивните содржини се користат разни прегледувачи. Проектот, со кој почнал развојот на веб-страниците, бил предложен од страна на англискиот инженер и научник Tim Berners-Lee и белгискиот научник Robert Cailliau, кој му го дал дизајнот. Тоа се случило во 1990 година во CERN.
Значи, со други зборови кажано, веб-сајт е збир на смислено поврзани страници што содржат податоци кои се наоѓаат на некој веб-сервер и од него се земаат со помош на прегледувач (прелистувач).
Но да се вратиме на истражувањата околу веб-страниците и меморијата. Не е спорно и секому денес му е јасно дека сè помалку ни се потребни речници, енциклопедии и пријатели, стручни во одредени области, бидејќи со неколку "кликнувања" решението е пред нас.
Идејата дека интернетот стана еден вид "ум во кошница", секако, не е нова, но истражувачите сè уште не можат да пронајдат како сето ова влијае на човечкиот мозок и на неговите функции. Дали во иднина нашиот мозок ќе стане мрзлив или бавен? Дали сето ова ќе значи промена во структурата и во димензиите на нашиот мозок!? Тоа останува како предизвик за понатамошни истражувања и тестирања. Според истажувачите, ќе се случат некакви промени, но какви сè уште не се знае. Како и да е, нема сомнение дека интернетот сè повеќе станува еден вид надворешна меморија за фактички информации, а тоа го потврдува и една студија, неодамна објавена во списанието Science: "The Web Is Your New Memory".
Авторите на студијата кои ја тестирале оваа хипотеза велат дека кога им било поставено прашање на група испитаници, многумина не го знаеле одговорот, но 30% од нив веднаш знаеле како да го најдат одговорот на интернет. Ова е потврда дека тие не се сетиле на фактите, туку на веб-страниците, бидејќи тие биле меморирани во нивниот мозок.
Во тестирањето било утврдено дека боите на имињата на веб-страниците, при пребарувањето, немаат некоја битна улога.
Сите субјекти во студијата биле студенти,šшто значи дека тие се луѓе кои пораснале со користење на интернетот како ресурс. Но интересно е тоа што истражувачите сметаат дека резултатите би биле слични и кај постарите генерации, односно кај "дигиталните имигранти" кои успеале да се приспособат на новите информатички технологии.