Околу езерото Чемси (Chiemsee) во југоисточна Баварија, е пронајден исклучително интересен кратер од удар на комета или астероид. Иако има многу места на Земјата каде што е утврдено дека во минатото паднал метеор, само мал број од нив содржат поголем број на кратери. Областа Чемгау (Chiemgau), која се простира на површина од 58 на 27 километри и личи на една елипса, содржи најмалку 82 кратери со големина од 3 до 3 700 метри. Многу од другите кратери најверојатно не се забележуваат, поради густата шума што се наоѓа во областа и од работата на фармерите кои живеат во близина.
Група археолози-аматери работејќи во околината на езерото Чемси, есента 2000 година, откриле парчиња од метал кои содржеле минерали што претходно не биле пронајдени во регионот. Археолозите уште тогаш откриле повеќе места каде најверојатно паднале деловите од кометата. Има големи докази дека на тоа место има падното тело кое не потекнува од Земјата: одронети камења и мали згрутчени парчиња од карпи, кои целосно се обложени со стакло од силициум, што значи дека се создадени при многу високи температури. Научниците, кои го имаат истражувано местото, претпоставуваат дека грутките од карпи најпрво биле екстремно загреани, а потоа исфрлени надвор од кратерот. Пронајдени се разни сино-сиви, темнозелени и црни парчиња од стакло во невообичаени форми, како, на пример, во форма на капки на солза и ѕвона, што значи дека тие биле одеднаш оладени и зацврстени, уште додека биле во воздухот. Необичните минерали пронајдени во околината се состојат од соединенија на железо и силициум. Исти такви се пронајдени и кај неколку претходно паднати метеори (еден на планината Јаншан во Кина откриен во 1984, вториот на планината Фронтиер на Антарктикот), како и други слични соединенија, кои се пронајдени кај метеорот Dhofar-280 за кој се претпоставува дека потекнува од Месечината.
Според археолошките истражувања на минералите и остатоци од дрва, кои потекнуваат од тој период, се претпоставува дека ударот се случил во доцниот Римски период, некаде околу 200 год. пр.н.е. Земени се посебни примероци од пепел за да се утврди точната година на ударот, со помош на радиоанализа на јаглеродот, но тие резултати сè уште не се достапни. Пишан материјал за овој настан е пронајден кај неколку римски автори, кои пишуваат за "дожд од камења што паѓаат од небото, преплашувајќи го населението". Овие материјали датираат од 207 год. пр.н.е. Поради овој настан Римскиот Сенат наредил делови од метеоритот да бидат донесени во Рим, во чест на божицата на плодноста Цибела.