Ако само накратко погледнете во фотографијата прикажана овде, сигурно би помислиле дека станува збор за комета. Но, тоа всушност не е комета, туку ѕвездата Мира, која се движи толку бргу низ меѓуѕвездениот простор, што зад себе остава опашка.
Мира е ѕвезда од соѕвездието Кит (Cetus). Таа е црвен џин, кој исфрла големи количини материјал во вселената. Како што ѕвездата се движи бргу низ меѓуѕвездениот простор, исфрлените честички забавуваат и остануваат како долга опашка, која се развлекува зад ѕвездата. Оваа опашка е долга околу 13 светлински години, или 20 000 пати повеќе од средното растојание на Плутон од Сонцето.
Пред милијарди години, Мира веројатно била слична на нашето Сонце. Како што количеството на водород како гориво во ѕвездата се исцрпело, таа нараснала, станувајќи огромен црвен џин. Позната е како варијабилен црвен џин, и пулсира во еднакви интервали, оттурнувајќи ги надворешните слоеви, светејќи доволно за да биде видлива со голо око. На крај, ѕвездата ќе го исцрпи преостанатиот материјал и ќе стане бело џуџе.
Поради тоа што патува со брзина од 130 km/s, материјалот исфрлен од Мира се натрупува на челната страна и создава ефект на фронтален штит (bow shock), при што ослободениот гас се компресира како што наидува на меѓуѕвездените ветрови. Компресијата предизвикува гасот да се загрее и да сјае во ултравиолетовиот спектар. Овој материјал потоа се извива зад ѕвездата, создавајќи турбулентна трага, во форма на опашка. Заради тоа што трагата е видлива само во ултравиолетовиот спектар, сликата е добиена од вселенскиот телескоп GALEX (Galaxy Evolution Explorer) на Наса, кој најчесто набљудува во ултравиолетова светлина.