Откривање на неисправна свеќичка

Почитуван ЕМИТЕР,
Поседувам автомобил “Сузуки Марути” кој во последно време немирно ми работи, потешко стартува и има намалена силина на моторот. Се сомневам дека некоја од свеќичките престанала со работа па, со оглед на тоа што е тежок пристапот до нив, би ве замолил да ми кажете како да ја детектирам расипаната свеќичка и само неа да ја заменам.
Ви благодарам на одговорот и срдечно ве поздравувам пожелувајки уште долго да се читаме.
Гоце Јаневски

Ќе посочам две методи со кои можете да детектирате неисправна свеќичка. Првиот метод се базира на детектирање топлина со прстите од раката, тргнувајќи од фактот дека кога се работи за неисправен цилиндар, тој не произведува топлина, а вториот метод е наречен баланс на снага и детекцијата се врши со слушање и следење на вибрациите од моторот.
Прв метод: потребно е моторот да е ладен (долго време бил во мирување) и потребно е со прстите од раката да имаме пристап (да можеме да ги допреме) цевките од издувниот колектор (грана) кога тие излегуваат од главата на моторот (деклата). Најчесто на горниот дел од издув-ниот колектор има лим на кој е приклучено цревото за топол воздух од системот за вцицување воздух од моторот, но најчесто пристапен е долниот дел од издувниот колектор во делот на цевките од поодделните цилиндри (оние кои штотуку излегуваат од главата на моторот). Доколку цевките од издувниот колектор се недостапни за нашите прсти, тогаш овој метод е неупотреблив за вашето возило. Процедурата е следна: го стартуваме моторот и оставаме да работи 5 до 10 секунди на малку позасилен гас. Го исклучуваме моторот и веднаш приста-пуваме со прстите до издувните цевки од поодделните цилиндри (ги допираме детектирајќи топлина – тие треба да се малку загреани). Доколку некоја цевка е ладна, тогаш тој цилиндар не е во функција и најверојатно неговата свеќичка е расипана. Од гаснењето на моторот до допирањето на издувните цевки треба да помине што е можно помалку време (брзо да се направи ова) за да не дојде до изедначување на температурите на сите цевки, а со тоа методот да стане неупотреблив. Забелешка: бидете внимателни при допирањето на цевките и внимавајте да не се изгорите!
Втор метод: Вториот метод е наречен баланс на снага и е често употребуван метод во автоме-ханичарскиот занает (види во ЕМИТЕР 1/13). Идејата е со слушање и гледање да се детектира промена во работата на моторот кога од работа би се исклучила некоја свеќичка. Процедурата е следна: моторот се стартува и работи на лер гас. Се трга високонапонскиот кабел од првата свеќичка. Ако моторот го намали бројот на вртежи и почне да се тресе со тенденција да престане со работа, тогаш ќе заклучиме дека таа свеќичка (тој цилиндар) е во ред и се враќа назад високонапонскиот кабел (се приклучува на свеќичката). Постапката се повторува и со сите преостанати свеќички (цилиндри). Ако при исклучувањето на свеќичката (високонапонскиот кабел е оддалечен од приклучното место од свеќичката 5 до 10 сантиметри) не се забележи промена во работата на моторот, тогаш ќе заклучиме дека таа свеќичка (цилин-дар) не е исправна. Забелешка: можно е кога високонапонскиот кабел го држите во раката да ве “пецне” струја, што не е опасно, но е непријатно. Затоа, високонапонските кабли тргајте ги со изолирана клешта (комбинирка или плосната) или со кожени ракавици.
Сепак, јас ви препорачувам да настапите професионално и да ја проверите и разводната капа на можна пукнатина (најчесто меѓу две клеми), да ги проверите приклучоците на високо-напонските кабли (дали се сигурно приклучени во разводната капа и на свеќичките), да ги проверите високонапонските кабли од аспект на нивната спроводност и изолација, да ги про-верите свеќичките од аспект на зазорот на електродите, како и да ги замените со нови доколку нивниот ресурс поминал (најчесто свеќичката што подолго време била вон функција е влажна, па тоа е сигурен знак за нејзиното неработење). Новите свеќички мора да се оригинални или заменски. Ако треба да бирате меѓу поскапи и соодветни (заменски), а поевтини, изберете ги поевтините. Во ознаката на свеќичката шифрирано се дадени податоци за нејзината топлотна вредност, должина на навојот, начинот на затинање (конусно или челно затинање) и некои други податоци. Затоа безусловно мора да се почитуваат препораките за типот на свеќичките од производителот на моторот (автомобилот). Потоа, добро е да се измери и компресијата на моторот (види во ЕМИТЕР 2/13). При ова, сигурно ќе го детектирате (дијагностицирате) дефектот и него на долг рок ќе го отстраните без да ви се поткрадне можност за брзо повторување или да доживеете некои други непријатни изненадувања во овој сегмент од вашиот мотор.
Томе Скендеровски