AC/AC step-down конвертор од 230V на 120V со излезна фреквенција од 60Hz

Ова писмо е прогласено за “Писмо на бројот“ и неговиот автор е награден со полугодишна претплата на ЕМИТЕР. 

Здраво,

Се обидувам да најдам конвертор на напон за уред со мала моќност што бара напојување по американски стандард: Input: 230V/50Hz, Output: 120V/60Hz, Power: 50-100 W. Она што се нуди во нашите специјализирани продавници за електроника е само конвертор на напон, но не и на фреквенцијата. Бидејќи уредот има магнетен мотор, битна му е влезната фреквенција и на 50Hz секако дека ужасно бучи. Би ве замолил доколку сте во можност да ми дадете совет бидејќи веќе подолго време безус-пешно се обидувам да најдам ваков конвертор.

Поздрав,

Дејан Панов - скопјанец

Има два типа конвертори за 230V/115V. Едниот е поевтин, чисто електронски, базиран на тријак кој го преполовува напонот од 230V на 115V но, брановиот облик на овој напон не е синусоиден, како што е мрежниот, туку овој бранов облик наликува на заби од ајкула. Без да влегуваме во теории, ќе кажам само дека овој бранов облик е крајно неповолен за напојување индукционен мотор. Индукциски мотор треба да се напојува со напон со синусоиден бранов облик. Значи, овој конвертор не е добар за ваков потрошувач, но за секој друг е добар. Втората варијанта е трансформатор или автотрансформатор 230V/115V/150VA. Овој има ефек-тивна вредност на напон 115V и синусоиден бранов облик, но фреквенција 50Hz наместо 60Hz. Според мене, ова не би требало да претставува голем проблем за моторот. Тоа можеби изгледа како голема разлика, но не е во поглед на магнетското коло и конструкцијата на моторот која е да не речам иста за у:50Hz како и за 60Hz. Тоа се исти материјали (динамолимови, алуминиумски кафез и лак жица). Пониската фреквенција малку ќе го забави моторот, така што ако тој на 60Hz има 3600 rpm сега (на 50Hz) ќе има 3000rpm, или пак ако имал 1800 rpm, сега ќе има 1500 rpm, и незначително ќе се изгуби на механичка моќност. Бучење не би требало да има со трансформатор и покрај пониската фреквенција. Конвертор 230V/50Hz на 115V/60Hz со чист синусен напон на излезот не сум сретнал да изработува или пак да продава некој, ниту пак има сметка да се прави. Кирил Крстевски Претворувач на напон од 230V/50Hz на 120V/60Hz, па и со мали моќности, не е воопшто едноставен уред и затоа тој е тешко изводлив во самоградба. Основните негови компоненти се: 230V/50Hz > исправувач > Step-down конвертор (вообичаено 48V/44kHz) > ВФ трансформатор > ВФ исправувач > DC конвертор на 120V/60Hz. Ништо тука нема едноставно, и затоа, ваквите уреди се мошне скапи и се употребуваат само во случај да не може да се замени моторот со соодветен на 230V/50Hz. Ваков индустриски изработен претворувач може да се најде само за индустриска, професионална или за воена употреба и за некој таков со моќност од само 100W треба да се издвојат неколку стотини евра. Значи, таков уред нема да најдете во малопродажната мрежа. Немам информација дали некои од оние што увезуваат индустриска електрика и електроника во Македонија имаат увезено ваков уред со мала моќност, но во Солун или во Софија, без проблеми соодветен индустриски модул за вградување може да се најде во продавици што продаваат резервни делови за индустриска електроника.

Емилијан Иљоски