Во претходниве денови разгледував некоја аудио опрема за домашна употреба, па инспириран од мојата збунетост имам неколку прашања:
1. Ме интересира како да се разберат параметрите за еден засилувач, и како да се оцени неговиот квалитет? Како е врзан омскиот отпор со моќноста на засилувачот, т.е. ако на засилувач специфициран за 8 оми поврзам звучници од 6 или 4 оми дали ќе се зголеми неговата моќност и како тоа влијае на квалитетот на звукот. Што е предноста да се користи 8-омски, а што 4 или 6-омски звучник.
2. Што се добива ако засилувачот има торусно трафо или обично трафо, како влијае на чистотата на звукот и колкаво влијание има торусното трафо на цената на производот, како и заштита од оптоварување?
3. Кои параметри се клучни за квалитет на засилувачот и кои параметри и делови ја креваат екстремно цената?
4. Дали може да се поврзе, на пример, 5 x 100 W сараунд засилувач во стерео верзија и како се пресметува моќноста во тој случај за стерео верзија?
5. Дали засилувачот има различно изобличување при минимална оптовареност и при максимална оптовареност, и која би била најоптималната моќност на засилувачот за звучници специфицирани, на пример, како 150-ватни?
6. Кои се главни параметри на една звучна кутија и како да се издвои квалитет од неквалитет – која е предноста, а кој е недостатокот на звучниците со повеќе компонентни.
7. Дали звучници со повеќекомпонентна изведба бараат помоќен засилувач од еднокомпонентен звучник, иако се работи за иста моќност?
8. Дали е подобро да се купат звучници со помала импеданса или звучници со поголема импеданса, што се добива, а што се губи?
Милан Крајчевски
Прашањата што ги поставивте се комплексни и заслужуваат поширока елаборација, но за сега подготвив само неколку кратки одговори. Ако се интересирате за купување, можам да дадам препорака што да купите, но прво морате сами да одлучите колку пари ќе издвоите за тоа. Најевтините surround рисивери се 240 евра, додека комплет 5.1 звучници (со активен сабвуфер) се над 700 евра. Сè што е под овие цени не го сметам за hi-fi.
Добар стерео засилувач има за 190 евра (но со релативно мала моќност), а добар пар звучници се добиваат од 160-200 евра, па нагоре. Многу добар засилувач има за 250 евра, а пар звучници за 300 евра. Она што е навистина одлично, почнува со цена од 1500 евра.
1. Засилувач специфициран со 120 W/8 оми ќе даде поголема моќност на звучници од 4 оми, во идеален случај ќе даде 240 W. Но, тоа во реалноста речиси никогаш не е така, заради вообичаените компромиси околу цената на засилувачот и потребните делови, па затоа тој засилувач на 4 оми ќе даде некаде околу 180 W. На звучници од 6 оми ќе даде околу 160 W. Квалитетот на звукот нема да се менува на пониските импеданси, освен ако во засилувачот не се направени преголеми компромиси.
2. Торусното трафо е поскапо и има многу помала можност за појава на индуциран брум, особено кај засилувачи направени со самоградба. Инаку, постојат врвни засилувачи со класично трафо и ништо не им фали. Најефикасна заштитата од преопотоварување е со предимензионирање на трафото, но всушност најслабата алка се излезните транзистори - тие први горат ако засилувачот се преоптовари. Цената на трафото е значаен дел од цената на целиот засилувач.
3. Рамната фреквенциска карактеристика, малите изобличувања и можноста да даде доволно силна струја (доволно голема моќност) на својот излез се најважните параметри за засилувачот, но тоа веќе одамна не е проблем да се постигне. Тие се предуслови за основен, добар квалитет на звукот. Но, секоја наредна скала нагоре во квалитетот на звукот не е едноставно да се посочи. На пример, една многу важна карактеристика е колкави изобличувања и колкава моќност дава засилувачот на комплексни импеданси (за разлика од чисто отпорнички 8 или 4 оми) – тие параметри ниедна фирма не ги дава, а единствено можат да се најдат во некои тестови во списанија за аудиотехника. Уште полошо е тоа што некои работи во врска со квалитетот на звукот на засилувачите сè уште не се објаснети од науката. Она што науката со сигурност го знае и го употребува се квалитетни и многу скапи излезни 7 транзистори со голема линеарност.
4. Не треба ништо посебно да се поврзува, секој surround засилувач има опција два негови канала (front L + front R) да работат како класичен стереозасилувач. Во конкретниот пример, ќе се добијат 2 x 100 W во стереорежим.
5. Засилувачите имаат прилично константно ниско изобличување од мала па сè до пред максималната излезна моќност (всушност, изобличувањето благо расте со моќноста). Кога ќе дојде до максималната моќност, изобличувањата нагло растат заради клипинг на засилувачот – тоа е оној непријатен, изобличен звук. Токму поради тоа се препорачува моќноста на засилувачот да е приближна на звучникот (ако се бара максимална можна јачина на звукот), но да се внимава засилувачот да не влезе во клипинг. Во конкретниов случај, за максимално гласна репродукција од тој звучник потребен е 150 W засилувач. Инаку, за домашна употреба и нормално гласно слушање доволен е засилувач од 20 W, но тогаш опасноста од клипинг е поголема (и опасноста од горење на високотонците) во случај на погласно слушање.
6. Предноста е употреба на специјализирани звучнички единици (драјвери) за одредени опсези на фреквенции, што резултира во подобра дисперзија на звукот, помали изобличувања и порамна фреквенциска карактеристика (и подлабоки басови). Недостаток е повисоката цена (повеќе драјвери) и посложена и поскапа свртница.
7. Не.
8. Звучници со пониска импеданса влечат поголема струја од засилувачот. Некои засилувачи (повеќето surround рисивери) не можат да дадат доволно голема струја за звучници од 4 оми (тогаш на засилувачот кај излезните конектори пишува "8-16 ohm" или "6-16 ohm"). Општо, звучник од 8 оми лесно ќе свири на секој засилувач, додека звучник од 4 оми не ќе може да се приклучи на некои засилувачи. Но, проблемот е што тие номинални 8 оми или 4 оми не ја покажуваат целата слика, тука поважна е целата зависност на импедансата од фреквенцијата. Може да се случи звучник со номинална импеданса од 8 оми да има многу големи промени на фазата и опасно ниски импеданси на одредени фреквенции и заради тоа да му прави повеќе проблеми на засилувачот, отколку звучник од 4 оми со благи промени на имедансата во целото фреквенциско подрачје.
Заклучок: Сите hi-fi засилувачи имаат добри основни параметри и од нив не може да се заклучи каков звук ќе даваат. Деталните мерни тестови во списанијата за Hc-Fi аудиотехника можат да дадат повеќе информации, но на крај врховниот судија сепак е увото. Разликите во звукот на засилувачите се мали и не можат да се споредат со големите разлики во звукот меѓу звучниците.
За разлика од засилувачите, врз основа на измерените параметри на звучниците може однапред да се предвидат многу аспекти од тоа каков звук ќе има звучникот, но на крај повторно одлучува увото.
Препорака: за звучници да се издвојат повеќе пари отколку за засилувачот.
Владимир Филевски