Зошто ми прегоре засилувачот со STK4038II?

Здраво,
Јас сум редовен читател на вашето списание па ги читам и писмата испратени до Редакцијата, читам и критики во стилот дека хартијата на која се печати списанието требало да биде поквалитетна и слично. Според мене ова се бизарни критики, јас можам да дадам само комплименти. Списанието ви е супер – продолжете така и понатаму.
Да преминам на главното.
Пред еден месец купивме комплет кит за проектот "Засилувач од серијата на STK4038II" од ЕМИТЕР 6/2005, го склопивме како што беше наведено во списанието (три пати мери, еднаш сечи) го вклучивме и звучеше со квалитет на засилувач со ламби.
Употребивме електронски елементи наведени во списанието со мали промени: кондензаторите C12 и C13 ги ставивме 4700µF/63V и употребивме тороидно трафо кое на секундарот испорачува 51V односно нефилтрирано испорачува напон од 2x25,5V. Ако се пресмета 51/1,32 се добива напон од 2x38,6V, значи речиси 40% поголем напон од препорачаното – во списанието е наведена гранична вредност од ±57V. Според табелата во списанието треба да имаме препорачен напон од 32,5V односно 2x24V. Користиме стари звучници во нови кутии, накои на Горење со драјвери од ЕИ Ниш (од HSR 40W на 4 ома). Звукот беше прекрасен меѓутоа при последното вклучување засилувачат прегоре иако не беше оптоварен на максимална јачина, па така целиот ќеиф се претвори во разочарување. Сега од разочарување немам ниту желба ниту сили да ги проверувам сите елементи поединечно за да дојдам до причината за дефектот.
Ви го опишав трафото пошто мислам дека тоа е главната причина за дефектот, друго не гледам што би било причина за грешка бидејќи претходно си работеше како што треба. Го проверив трафото и кај него нема промени во карактеристиките и испорачува напон до самата плочка судејќи по тоа дека светат LED диодите. Затоа мислам дека интегралецот е отиден во неповрат, а не знам како да го проверам со обичен унимер. Затоа прашањето ми е као да го проверам интегралецот или, пак, вие да ми посочите која е можната причина за дефектот (можеби некој отпорник или кондензатор) за да ми ја олесните работата. И дали според каректеристиките на трафото можам да набавам и ставам STK4042II, јас мислам дека може ама ми треба ваше мислење за да не се случи истото. Имаме и други засилувачи како JVC и Techniks, барем денес не е проблем да се набави половен засилувач за цена до 50 евра, меѓутоа нема ништо поубаво од филингот да користиш засилувач што си го направил со сопствен труд.
Можеби сум испуштил нешто што може да ви помогне во откривањето на можната причина на дефектот па слободно прашајте ме.
Поздрав и однапред ви благодарам,
Ташо Христов

Ви благодариме за пофалните зборови. Што се однесува до техничката страна на вашето писмо, погрешно ја извршувате пресметката посочена во Емитер 06/2005 во врска со одредување на напонот на секундарот на трансформаторот зависно од употребеното ИК.
Кај вас ситуацијата е обратна, односно вие имате трансформатор со одреден напон на секундарот (2 x 25,5V). За да ја одредите врвната вредност на еднонасочниот напон што би го добиле со ваков трансформатор, треба ефективната вредност на наизменичниот напон да ја помножите со 1,41 и да одземете 1,4V (пад на напон на исправувачот во Грецов спој). Значи тука имаме: 25,5 x 1,41 - 1,4 = 34,5 V, односно врвната вредност на добиениот еднонасочен напон е 2 x 34,5 V, или ±34,5 V. Како што гледате, тоа е многу пониско од максималниот еднонасочен напон кој го издржува STK4038II (2 x 57 V, или ±57 V).
Горенаведената пресметка се однесува за специјалниот случај кога мрежниот напон изнесува точно 230 V, што никогаш не е случај. Напонот во нисконапонската мрежа ЕВН го дефинира како 230 V ±10%, а знаејќи ја реалната ситуација, паметно би било да се земат предвид флуктуации од ±20% што значи дека со вашиот трансформатор во содејство со диодите D1 до D4 и кондензарорите C1 и C2 може да се добие еднонасочен напон чија врвна вредност би се движела од 2 x 27,5 V до 2 x 41,5 V. Како што се гледа, и 2 x 41,5 V е многу под максималните 2 x 57 V кои може да ги издржи вашето ИК. Според ова во овој случај, потопно е непотребно STK4038II да се замени со некој "појак" од истата серија (на пример со STK4042II).
Значи, не е проблемот во трансформаторот, овој дури дава нешто помал напон од потребниот за да се добијат 60W на 8 ома со ова ИК! Според описот што го дадовте, најверојатно се работи за дефект на самото ИК. Тоа можете "на ладно" да го споредите со друго исправно мерејќи ги отпорите на соодветните изводи кон маса (изводот 3). Мерење "на ладно" значи одлемен ИК, односно ниедна од неговите ногарки да не е врзана во коло.
Потоа, препорачливо е да извршите мерења и "во живо", односно без ништо да се одлеми! Не плашете се! Не можете со ова многу повеќе да му наштетите на вашето ИК, та тој веќе еднаш (ако не и повеќе пати) бил приклучен на напон откога настанал дефектот! Што треба да мериме? Прво и основно мерење е да се измери напонот на излезот (ногарка 13) кон маса (ногарка 3). Тој напон, при краткоспоен влез (краткоспојник помеѓу IN и SGND) не смее да биде многу поголем од 100 mV, а обично изнесува од –20 mV do +20 mV. Ако овој напон е превисок, тоа упатува на неисправен ИК или на неисправна повратна врска (R6, R7 и C5).
Второ вообичаено мерење кое се извршува е мерењето на мирната струја (исто така при краткоспоен влез). Таа за STK4038II треба да изнесува помалку од 50 mA односно да предизвика пад на напон од најмногу 0,5 V на отпорник од 10 ома врзан на ред со позитивниот напон на напојување (+Us). Ако ја употребувате печатената плочка на Емитер (ППК020), одлемете ја ногарката 14 од ИК и вметнете го отпорникот од 10 ома меѓу неа и предвидениот извод на ППК. Преголема мирна струја јасно упатува на дефект на ИК!
Ако при првите две мерења сме добиле исправни вредности, проверете ги R4, R5, C3 и C4. И, се разбира, напоните +Us и -Us, ако не сте го направиле тоа уште на почеток!
На крај, ама не и последното што воопшто може да се случи е тоа што можеби вашиот ИК е термички оштетен, односно, просто кажано, сте го прегреале. Имајте на ум дека најголема дисипација на топлина кај засилувачите од АБ класа не настанува при најголема моќност, туку кај моќности нешто поголеми од половината од максималната! Во тој случај, новиот ИК ќе треба да го монтирате на поголемо ладилно тело!
Емилијан Иљоски