Звучници, засилувачи и CD плеери

Здраво почитувана редакцијо!
Ја поздравувам целата редакција на списанието ЕМИТЕР. Вакво списание и порано и беше потребно на Македонија... Посебно го поздравувам Владимир Филевски. Секогаш прво ги читам неговите текстови... Од проектите од ЕМИТЕР досега ги направив засилувачите A-50 и 100 W, како и предзасилувачот V-96, и се беше успешно...
Имам неколку прашања за господинот Филевски:
1.) Поседувам Ѕамаха рисивер (2H55 W на 8 оми) со Technics компоненти и JAMO звучници модел Studio 140 и модел Студио 180. Звучниците JAMO Studio 140 имаат синусна моќност 50 W, а Studio 180 имаат синусна моќност 100 W. Ме интересира како е можно тоа, бидејќи и едните и другите имаат иста големина на магнетот, само што звучникот од Studio 180 има поголем пречник на мембраната...
2.) Ако рисиверот го пуштам со 50 - 60% од неговата максимална моќност (за да не дојде до клипинг), тогаш бас звучниците прават премногу големи движења и имам чувство дека не можат да ја издржат ниту таа моќност, иако на кутиите JAMO Studio 180 пишува 100 W синусна и 170 W музичка моќност. Напоменувам дека при тоа потенциометарот за ниските тонови е поставен на нула.
3.) Открив еден недостаток кај CD плеерот Technics SLPG 570 A, а потоа истиот го открив и кај моделите SLPG 370, SLPG 380 и SLPG 580. Недостатокот е мал и можеби неважен, но... Ако на почетокот на компакт дискот (во текот на првите педесет секунди) се притисне A-B REPEAT, тогаш тој интервал би требал веднаш да се повторува како една целина, но се повторува со доцнење од 2-3 секунди и дисплејот повремено се губи. Тоа не се случува на другите делови од дискот...
Благој Атанасовски од Битола

Ви се заблагодарувам на пофалбите и Ви честитам за успешно направените уреди според проектите од ЕМИТЕР. Вашето трето прашање (констатација) е надвор од концепцијата на рубриката "Писма", но сепак ќе се обидам да одговорам.
1.) Големината на магнетот на звучникот е еден од поважните фактори кои ја одредуваат моќноста на звучникот, но не е единствен. Моќноста на звучникот ќе биде поголема (при истиот магнет), ако поефикасно се ослободува топлината која се развива во подвижната намотка. Топлината полесно ќе се ослободува, ако пречникот на подвижната намотка е поголем (што претпоставувам е случајот со звучникот во JAMO Studio 180), ако телото на намотката е изработено од материјал кој добро ја проведува топлината - алуминиум (можеби и ова е употребено во Studio 180) или разни специјални пластики, ако има принудно струење на воздухот околу намотката и слично.
2.) Ако потенциометарот Volume од засилувачот (или рисиверот) е на половина (50% или на "петка"), тоа НЕ значи дека излезната моќност ќе биде половина од максималната. Оваа заблуда е многу раширена. Излезната моќност од засилувачот освен од положбата на потенциометарот Volume zависи И ОД ГОЛЕМИНАТА НА ВЛЕЗНИОТ СИГНАЛ. Тоа значи дека и при 50% отворен потенциометар Volume постои можност засилувачот длабоко да навлезе во клипинг. На пример, CD плеерите имаат максимален излезен (а влезен за засилувачот) напон од околу 2 до 3V, додека тјунерите и касетофоните имаат неколку пати помал. Единствен начин да се следи излезната моќност на засилувачот е VU метарот.
"Шетањето" на мембраната од звучникот секогаш се јавува кај бас-рефлекс звучниците, ако сигналот има пониска фреквенција од резонантната фреквенција на кутијата fb. Подетално за ова можете да прочитате во ЕМИТЕР 5-6/96 (проектот PA лоудспеакер TNT 10/200). Звучниците JAMO Studio се исто така бас-рефлекс, па и тие го имаат истиот проблем. Ако Вашиот рисивер има филтер за ниски тонови (low filter), вклучете го - тоа ќе го реши проблемот. Ако нема, можете тој филтер лесно да го направите со интегрираното коло TL 072 (НИКАКО LM 741 !). Долната гранична фреквенција на тој филтер треба да биде околу 45 до 50Hz.
3.) Во секој ЦД плеер има микропроцесор кој се грижи за сите управувачки функции. Каде има микропроцесор, таму има и софтвер (програм) за него, а каде има софтвер, таму мора да има грешка - баг (bug).
Владимир Филевски