Проблеми со засилувачот со LM3876

Здраво,
Го изработив засилувачот објавен во Емитер број 7-8/97, со LM3876, и ми се појави проблем, па би сакал да ве замолам за помош. При краткотрајно вклучување на напон, на излезот се појавуваат -7 волти негативен еднонасочен напон мерен од излезот за звучник. Исто така, на влезот за сигнал каде што сè уште немам приклучено кабел за сигналот ми дава 1,14 волти еднонасочен напон.
Да напомнам дека ППК е добро изработена, нема ладни лемови, интегрираното коло е електрично изолирано од ладилникот, напојувањето е во ред (±28 V, го тестирав со друг транзисторски засилувач и тој работи без проблеми), елементите R6 и C6 се изоставени по препорака на авторот на статијата. Пинот 5 од ИК првин беше споен со пин 1, но ми препорачаа да го одвојам од пин 1, но нема ефект, влезот за сигнал го споив со маса (куса врска) и сè уште добивам еднонасочен напон од 7 волти на излезот.
Потоа го одлемив другиот интегралец од другиот канал кој не беше тестиран под напон, и со омски отпор ги проверувам пин 1 (+) со пин 7 (маса), во овој случај нема омски отпор, пин 1 (+) со пин 4 (-) и во овој случај нема отпор, додека пин 4 (-) со пин 7 (маса) ми јавува отпор од 63 ома. Истиот отпор од минусот спрема маса го добивам и на засилувачот којшто го тестирав под напон.
Авторот препорачува C2 и C4 да бидат стирофлекс, но бидејки никаде нема такви ставив обични керамички кондензатори, се надевам дека проблемот не е до нив.
Се прашувам што би можел да биде проблемот?
Однапред благодарам,
Александар преку е-пошта

Постоењето на напон на излезот (пин 3 од ИК) не укажува на ништо добро. Тоа може да биде последица на неисправност на интегрираното коло или последица на неисправна или погрешно поврзана компонента во повратната врска (R3, R4, R5, C2, C3 и C4). Затоа препорачувам, пред Ро:да преземете какви било други дејности, прво да ги одлемите овие компоненти и секоја поединечно да ја измерите и да се уверите во нивната исправност ако тоа веќе не сте го сториле пред вградувањето на елементите. Притоа не само што треба да се измери капацитетот на C3, туку и неговата ефективна сериска отпорност со ЕСР метар.
Ако при повторно вградување на исправните компоненти добивате некој еднонасочен излезен напон поголем од 0,2 V на излезот (пин 3) при краткоспоен влез (INPUT), исклучете го уредот од напон, кратко спојте ги изводите 9 и 10 на ИК и повторно вклучете го. Напонот на излез сега МОРА да биде помал од 0,2 V! Ако тоа не е случај, неисправно е интегрираното коло.
Инаку, потполно нејасно е каде мерите напон од 1,14 V. Ако е тоа на влезот – како што велите – каде што го приклучувате влезниот кабел (точка INPUT на шемата), тогаш сигурно C1 е неисправен. Ако тој напон е на пин 10 од ИК, тогаш на пин 9 тој треба да биде поголем од 1,14 V за да добиеме -7 V на излезот без разлика каква е повратната врска. Ако тоа не е случај, ИК е неисправно.
Инаку со мерењата што сте ги извршиле на самото ИК не може да се одреди дали тоа е исправно – тоа е под претпоставка тоа што вие го нарекувате "нема омски отпор" всушност да е бесконечен отпор (односно мерниот инструмент покажува пречекорување). Обратно, ИК со "мирна душа" може да се прогласи за официјално мртво ако вашата изјава "нема омски отпор" означува отпорот е 0 или многу мал помеѓу изводите 1 и 7 или 9 и 7.
Инаку напонот од ±28 V е многу мал за ова интегрирано коло, особено ако него сте го мереле во "празен од", односно без оптоварување. LM3876 нема да сака воопшто да се вклучи при напони помали од ±24 V бидејќи во тој случај дејствува неговата вградена поднапонска заштита со цел да се елеминираат преодните појави присутни при вклучување. Од друга страна, LM3876 издржува без проблем напони до ±42 V. Но, општо земено напонот од ±28 V не е причина за неисправноста кај вас.
Тоа што пинот 5 од ИК првин беше споен со пин 1 воопшто нема никаква улога бидејќи пинот 5 не е никаде споен внатре во ИК. Исто така, тоа што C2 и C4 се керамички нема врска во случајот иако препорачувам да набавите соодветни стирофлекс или MKT (MKS, MKH) кондензатори кои во аудиоподрачјето имаат супериорни карактеристики во однос на керамичките.
Во однос на елементите R6 и C6, производителот National Semiconductor препорачува тие да имаат вредност од 2,7Ω и 100nF соодветно. Со ваква спрега и со MKT (MKS, MKH) кондензатор C6 (керамичкиот може да прави проблем како што е опишано во написот) вршиме компензација на големата индуктивност на звучникот и LM3876 ќе го гледа товарот (звучникот + R6, C6, L7 и R7) како претежно омски отпор и со тоа се намалува веројатноста од осцилирање на колото при повисоки фреквенции.
Инаку National Semiconductor има ексклузивно право да го произведува LM3876. Ако вашиот примерок ја нема специфичната ознака на овој реномиран производител или има ознака од некој друг производител, тоа е сигурен знак дека тој е фалсификуван! За жал, и вакви појави се присутни!
Емилијан Иљоски