Дополнителни упатства за ТВ UHF предзасилувачот

Здраво!
Се викам Ајдар Абазовски и веднаш по запознавањето со вашето прекрасно списание решив да ви напишам едно писмо со кое сакам да ве пофалам бидејќи навистина многу ми се допаѓа.
Инаку учам во ЕМУЦ "Св. Наум Охридски" во Охрид во II година (автоматика и сметачка техника). Бидејќи сум почетник би ве замолил да ми кажете нешто повеќе во врска со конструирањето и напојувањето на ТВ UHF предзасилувачот од бројот 9/98.
Ајдар Абазовски од Струга

Благодарам за пофалбите и за Вашиот интерес за ЕМИТЕР. Ме радува што стекнавме уште еден читател и се надевам дека ЕМИТЕР во иднина ќе Ви биде редовен придружник во Вашето образование и работа во електрониката и автоматиката. Верувајте колку што тоа е во наша, уште повеќе е во Ваша полза бидејќи за да станете квалитетен стручњак во електрониката и автоматиката основните знаења што ќе ги стекнете во училиште ќе мора да ги надградите со уште многу теоретски и практични знаења и вештини. Затоа читајте го ЕМИТЕР и колку што Ви дозволуваат можностите читајте и други книги и списанија од областа на електрониката и автоматиката.
Што се однесува до желбата да го изградите ТВ UHF предзасилувачот и барањето на поопширни упатства за тоа морам да Ве предупредам дека секоја градба на електронски уред е поврзана со одредени ризици кои се толку помали колку што имате поголеми знаења од таа област. Градба на еден високофреквентен уред, каков што е спомнатиот предзасилувач, е посебно проблематична и за поискусни електроничари бидејќи на работата на таков уред влијаат многу фактори од кои добар дел не можат да бидат предвидени, а со тоа и објаснети однапред. Некои подетални упатства за градба на ТВ UHF предзасилувачот во овој момент не би можел да Ви понудам бидејќи тоа би требало да биде многу опширен напис за чија подготовка е потребно многу време. Ве упатувам внимателно да го проучите написот за предзасилувачот и упатставата за конструкторите (на стр. 4), а кон тоа ги додавам и следните забелешки:
- Сите кондензатори треба да бидат керамички (зошто - видете во ЕМИТЕР бр. 6/98, стр. 33-37),
- Внимателно изработете ги калемите бидејќи и навидум мали отстапувања можат да предизвикаат големи проблеми во работата,
- Елементите лемете ги што пониско на плочката за да немаат долги изводи бидејќи тие внесуваат дополнителна капацитивност и индуктивност кои, иако се мали, на вака високи фреквенции можат да имаат големо влијание,
- За напојување користете стабилизиран извор на напон (за конструкција на едноставни, а квалитетни стабилизирани извори на напон видете во Е5-6/96).
Не знам дали ова ќе Ви биде доволно бидејќи според Вашето писмо претпоставувам дека имате скромни теоретски и практични знаења од електрониката. Затоа Ви препорачувам да го следите нашиот "Почетен курс по практична електроника" и да се испробате прво во градба на некој поедноставен нискофреквентен уред и тоа со помош на некој Ваш професор или поискусен другар.
Слободан Таневски