Почитувана Редакцијо,
ЕМИТЕР го купувам од првиот број и доста сум задоволен од неговите содржини. Нема да ви одземам многу простор затоа веднаш ќе го презентирам мојот предлог.
Многу ми пречи кога го "уништувам" списанието сечејќи ги сликите со изгледот на ППК, а претходно морам да ја фотокопирам претходната страница. Затоа ве молам во иднина позадината од сликата на ППК да биде бела (без слика или печатен текст), како што е на пример во списанието SAM. Мислам дека ова нема да ви претставува посебен технички проблем со што ЕМИТЕР ќа биде во светскиот тренд, ќе ни ја олесни изработката на печатените кола и ќе овозможи истиот да го сочуваме во неговата целовитост.
За крај - една молба: Потребна ми е ППК од изворот API-1 од Е7-8/96, па затоа ве молам за телефонскиот број на авторот, г-динот Петар Аврамовски.
Со почит,
Љубомир Тодоров од Скопје
Ви благодарам за пофалните зборови за ЕМИТЕР.
Навистина не можам да разберам зошто мора да го сечете цртежот на ППК од ЕМИТЕР а да чувате фотокопија од страницата што ја сечете. Зошто не направите обратно - фотокопирајте го цртежот на ППК па од таа фотокопија пренесете го на пертинаксот. Ако работите на овој начин ЕМИТЕР-от ќе Ви остане неоштетен. Од друга страна цртежот на ППК со помош на индиго можете да го пренесете на пертинаксот директно од ЕМИТЕР, без да го сечете листот и без да предизвикате негово значајно оштетување. Според тоа не гледам некоја посебна причина во иднина цртежите на ППК да ги објавуваме на лист кој од другата страна ќе биде чист (бел). Така само би загубиле 0,5 од 2 страници (зависно од бројот и големината на плочките во тој број на ЕМИТЕР) што не е за занемарување - нели е подобро тој простор да биде пополнет со некој напис.
Навистина во некои списанија цртежите на ППК се објавуваат на посебен лист кој од друга страна е бел со намера на читателите да им се олесни изработката на ППК со фото или сито постапка. Имено постои еден специјален спреј со кој ако се испрска листот тој станува проѕирен како паус хартија па така може да послужи како "филм" за изработка на ППК со фото или сито постапка. Меѓутоа таквиот спреј е скап и главно го нема кај нас, а за тој успешно да може да ја изврши својата функција потребно е листот да биде од друг тип хартија која се разбира е поскапа.
Кога сè ова ќе се земе во предвид јасно е зошто Вашиот предлог, барем во догледно време, нема потреба и не може да биде реализиран.
Во врска со Вашата молба можам да кажам дека г-нот П. Аврамовски не се занимава со производство и продажба на ППК за изворот API-1 од Е7-8/96. Исто така правило во ЕМИТЕР е да не ги даваме адресите и телефонските броеви на нашите соработници, а комуникацијата меѓу читателите и соработниците да оди преку Редакцијата. За ваква одлука има три причини: да обезбедиме стручни одговори на поставените прашања (а тоа не може да се добие во неколкуминутен телефонски разговор), да ја зачуваме приватноста на нашите соработници, и да овозможиме прашањата и одговорите во врска со написите во ЕМИТЕР да бидат достапни и за другите заинтересирани читатели. Затоа ако имате некое прашање во врска со спомнатиот напис слободно испратете го до Редакцијата (преку класично писмо или e-mail). Штом нашиот соработник ќе го подготви својот одговор ние веднаш ќе Ви ги испратиме, а ако заклучиме дека тоа е интересно и за други читатели ќе го објавиме и во ЕМИТЕР. Се надевам дека ја разбирате потребата за ваков начин на комуникација со нашите соработници (впрочем така работат скоро сите списанија) и дека нема да Ви биде проблем да се прилагодите на него.
Слободан Таневски