Звучници

Здраво!
На почеток би сакал да ве поздравам и да ви пожелам успех во работата. Ви го честитам јубилејниот 50-ти број и се надевам дека ќе има уште многу вакви јубилеи. Посебно му се заблагодарувам на г-нот В. Филевски за одговорот на моите претходни прашања, како и за препораката за Tannoy M1 кои ги набавив и од кои сум мошне задоволен.
Емитер глобално земено е добро списание и се надевам дека со тек на време и понатаму ќе се подобрува. Како љубител на аудио техниката би сакал да има повеќе страни посветени на оваа област. Би сакал да го замолам г-нот Филевски, чија работа посебно ја ценам, да ми одговори на следниве прашања:
1) Во ЕМИТЕР 10/96 во текстот "Звучни кутии – сите видови на светот" во пасусот "Електроника + кутија" спомнавте еквилајзер со кој се снижува долната гранична фреквенција на компресионите звучни кутии. За истиот рековте дека е едноставен и дека може да се направи од IC – TL072, па би сакал да знам како? Освен за компресиони кутии дали може да се употреби и за другите видови?
2) Во поранешен одговор на прашање од еден читател рековте дека планирате да објавите проект за bandpass сабвуфер, па би сакал да знам дали може скоро да го очекуваме?
3) Како што реков, поседувам Tannoy M1, кои би сакал да ги надополнам со еден сабвуфер. Ве молам да ми помогнете во изборот на звучник за него: Focal 10 C 5411 DB, Ravemaster VXT 1524, Simsonik GF 620 S (х2), или нешто друго?
Однапред ви благодарам,
Марјан од Прилеп

Од името на редакцијата и од мое име Ви се заблагодарувам на честитките. Како што покажаа резултатите од досегашните анкети, бројот на страници посветен на аудио техниката одговара на пројавениот интерес и затоа не планираме проширување за таа област.
1) Бас-еквилајзерот може да се направи само со два операциски засилувачи по канал, односно вкупно две интегрирани кола TL074, или уште подобро – NE 5532. Првиот оп. зас. служи само како бафер со ниска излезна импеданса, а вториот оп. зас. е филтер пропусник на високи тонови од втор ред, чиј Q фактор е поголем од 0,707 (Buttherworth филтер има точно Q=0,707), така што има засилување во одреден појас на ниските фреквенции. Вредностите на R и C елементите од филтерот (односно Q факторот и долната гранична фреквенција) се пресметуваат посебно за секоја конкретна звучна кутија. Како што веќе напишав во посочениот текст, освен за компресиони звучни кутии, бас-еквилајзерот "Исто така, може да се користи и за бас-рефлекс кутии, но тие мора да бидат специфично пресметани за таа намена – не може да се користи за веќе направени (бас-рефлекс) кутии".
При употреба на овој бас-еквилајзер мора да се внимава мембраната на бас-звучникот да не прави преголеми поместувања напред-назад, бидејќи може да се оштети движечката намотка. За оваа намена се неопходни бас-звучници со големо линеарно поместување на мембраната Xmax, кое мора да изнесува повеќе од (приближно) Xmax = +/- 6 mm.
2) Моите обврски не ми дозволија досега да ги исполнам тие планови. Се надевам дека наскоро ќе го објавам тој проект.
3) Барем еднаш во ЕМИТЕР сум го напишал советот: "Купете ги најскапите и најдобрите звучници кои можете да си ги дозволите", бидејќи секое друго решение ќе биде полошо, а поскапо. Звучниците Tannoy M1 се феноменално добри за таа цена, но секакво нивно "крпење" со дополнителен сабвуфер ќе даде полош звук во споредба со еден пар подобри (и поскапи) звучници по истата вкупна цена. Звучникот Focal 10 C 5411 DB чини 140 марки, а кога на тоа ќе се додаде цената на кутијата и на пасивната свртница (или активната свртница и засилувачот), тогаш вкупната цена на сабвуферот заедно со Tannoy M1 ќе излезе скоро 600 германски марки. За таа цена може да се купат пар звучни кутии кои даваат подобар звук од Tannoy M1 (на пример B&W 601 S2 или KEF Q15), иако нема да имаат толку длабок бас како комбинацијата сабвуфер + Tannoy M1.
Ако сте задоволни со звукот на Tannoy M1 и само Ви недостасуваат подлабоки басови, тогаш дополнителен сабвуфер со бас-звучникот Focal 10 C 5411 DB е добро решение.
Владимир Филевски