Почитувана редакцијо,
Имам прашање за проектот 500W излезен засилувач (ЕМИТЕР 3/98). Ако засилувачот самоосцилира како може да се отстрани самоосцилацијата и од што конкретно настанува.
Однапред ви благодарам
Митрески Борче, с.Оровник, Охрид
Самоосцилацилирањето како феномен не е ни непозната ни неочекувана појава. Всушност се работи за несакана појава кај засилувачите кои во одредени услови се однесуваат како осцилатори. Осцилирањето кај засилувачите е поврзано со засилувањето или, кажано поодредено, со повратната врска. Доколку стандардната негативна повратна врска, од кои било причини, се промени во позитивна доаѓа до самоосцилирање во колото на засилувачот. Промената на негативната повратна врска во позитивна најчесто настанува заради паразитните капацитивности кои се јавуваат меѓу блиските водови на плочката со печатено коло, изводите на елементите (особено ако тие се оставени долги) и самите елементи. Овие паразитни капацитивности, иако мали, сепак на одредени фреквенции имаат многу мала отпорност и преку нив се затвора повратна врска која во дадениот дел на колото се јавува како позитивна. Оваа позитивна врска, преку засилување на сигналот на шумот од влезот, во крајна инстанца доведува до осцилација во колото. Фреквенцијата на која ќе заосцилира колото зависи од многу фактори, но вообичаено се движи во границите од 1kHz до 100kHz. Од долната страна е ограничена со малата вредност на паразитните капацитивности, а од горната со фреквентниот одзив на излезните транзистори вградени во засилувачот.
Доколку се јават осцилации, иако претходно сме ги превзеле сите мерки за нивно превентивно спречување, наједноставен начин да ги одстраниме е да ја засилиме негативната повратна врска за високите фреквенции. Ова најчесто се изведува со поставување на паралелен кондензатор на отпорникот од повратната врска. Во конкретниот случај за засилувачот од 500W од ЕМИТЕР 3/98 би поставиле кондензатор паралелно на отпорникот R7. При изборот на капацитивноста на кондензаторот треба да внимаваме неговата реактивна отпорност при максималната фреквенција на која е предвиден да работи засилувачот да е барем двојно поголема од вредноста на отпорникот во повратната врска. Во спротивно деградирањето на фреквентната карактеристика на засилувачот ќе биде забележливо. Вообичаено се работи за вредност од околу 100pF. Како дел од заштитата од осцилации се поставува и комбинацијата R8/C10 кои ја компензираат фреквенциската карактеристика на звучникот при високи фреквенции.
Коста Карпузовски