Трансмисиона линија, PC аудиомерења и CLIO

Во врска со новиот концепт на ЕМИТЕР, мислам дека за таа цена во Македонија подобар нема, вклучувајќи ги и странските списанија. Сепак, би требало да се зголеми бројот на страници посветени на компјутерската техника и електрониката (се разбира со соодветно зголемување на цената – да речеме 200 денари), бидејќи според мене, најголемиот процент на оние кои го купуваат ЕМИТЕР се интересираат за тие области.
Заљубеник сум во аудиото, и како и многумина други, прибегнав кон конструкција на звучни кутии во сопствена режија, благодарение на знаењата добиени од ЕМИТЕР и трудот на г-дин Владимир Филевски сето тоа да го сподели со читателите. Би сакал да знам дали аудио-фреквенцметарот за PC (проектот во ЕМИТЕР бр. 61) може да се прилагоди за мерење на амплитудно-фреквенциска карактеристика на звучници? Како извор на сигнал би можел да послужи софтверски PC тон-генератор. Проблемот е: како да се елиминираат рефлектираните звучни бранови во собата?
Би сакал да објавите напис за CLIO, ако сте во можност подетално. Каде може да се купи CLIO, колку чини и дали е потребно инсталирање на соодветен хардвер?
Имам уште едно прашање: дали со претворање на компресиона кутија од 120 литри во трансмисиона линија со должина од 1,6 метри и однос на коморите 1:1 би се добил подобар бас со звучник со параметри Qts = 1,21; fs = 33 Hz; Vas = 39 литри?
Васил Пандев, Струмица

Планираме зголемување на бројот на страници, што ќе резултира во обем и тематска распределба слични на летниот двоброј од оваа година, со цена најмногу до 150 денари. Надоградбата на PC аудио-фреквенцметарот во систем за мерење на звучници е скоро невозможен, или во најмала рака – многу тежок зафат. Поодамна, и јас се обидов да најдам некое PC хардверско/софтверско решение кое би било со ниска цена, за на крај да дојдам до заклучок (после солидна количина залудно потрошени пари) дека само професионален уред за аудиомерења може да ги оправда вложените средства. Единствен таков професинален уред со пристојна цена е токму CLIO. CLIO се состои од картичка за компјутер, микрофон и софтвер. Во зависност од конфигурацијата, неговата цена е од 900 до 1.100 евра (приближно), на што треба да се додадат поштенските трошоци и царинските давачки. Постојат две верзии: стандарден CLIO (кој има две варијанти на PC картичката: ISA и PCI) и нешто поевтиниот CLIOlite (кој не го препорачувам, бидејќи му се ускратени повеќе корисни функции). Постојат и три верзии на мерните микрофони: LITE, MIC-01 и MIC-02. Списокот на дистрибутери на CLIO можете да го најдете на Интернет страницата www.cliowin.com (јас моето CLIO го нарачав од RCM Akustik од Германија, но со нив имав непријатни искуства и затоа би Ви препорачал да најдете некој друг дистрибутер). Уредот CLIO го претставив во ЕМИТЕР бр. 2/98, заедно со објаснувањето како е решен проблемот со рефлектираните звучни бранови во собата. Иако CLIO е најдобро и најевтино решение, сепак не би можел да го препорачам на повеќето хобисти, бидејќи станува збор за професионален уред: на пример, во упатството за користење не се објаснети многу нешта за аудиомерењата– тоа се работи кои се подразбира дека им се познати на професионалците. Дури и ако некаде најдете објаснување за некое прашање, тоа објаснување само ќе ви отвори десетина (или стотина) нови прашања и непознаници за кои не сте ни знаеле дека постојат, и на кои допрва треба да најдете одговор (знам за два други CLIO уреда во Македонија, кои служат само како украс). Ако сте спремни на многу учење, тогаш безрезервно можам да Ви го препорачам CLIO.
Со оглед на високиот Qts параметар на бас-звучникот, претворувањето на компресионата звучна кутија во трансмисиона линија ќе донесе подобар бас. Бидејќи не сте ги навеле димензиите на звучната кутија и на бас-звучникот, можам да Ви ги дадам само овие совети: Предложената должина на трансмисионата линија од 1,6 m е премногу мала за да се добијат оптимални резултати. Ако постои можност, поделете ја кутијата на три "комори" (канали) со вкупна должина околу 2,4 m. Напречниот пресек (плоштина) на каналите најдобро е да се намалува кон излезот, т.е. првиот канал каде што е монтиран бас-звучникот треба да биде со најголем пресек, вториот канал со помал, а излезниот со најмал пресек. Притоа треба да се внимава најмалиот пресек на каналот да е поголем од активната плоштина на бас-звучникот (приближно: плоштина на кружниот отвор на кутијата за бас-звучникот). Материјалот за дампирање во тежина од 1,8 kg (по кутија) треба рамномерно да се распредели по целиот внатрешен волумен.
Владимир Филевски