Имам неколку прашања: Го изработив проектот "Активна свртница" објавен во ЕМИТЕР 4/2000 и задоволен сум со резултатите. Сега би сакал да изработам уште една свртница, но за ниските тонови долната гранична фреквенција треба да биде околу 35 до 40 Hz, а горната 150 Hz; додека за средните тонови 150 Hz до 5.000 Hz; а за високите од 5.000 Hz до 22.000 Hz. Во табелата има пресметано вредности за RC елементите, но не е означено за кои фреквенции!?Дали би можеле да објавите проект за активна свртница со 4 опсези, на пример: од 40 Hz до 150 Hz, од 150 Hz до 400 Hz, од 400 Hz до 4.000 Hz и од 4.000 Hz до 22.000 Hz. Ако сте во можност, објавете проект за сабвуфер со некои полесно достапни и поевтини звучници.Дали сте сретнале звучници D&T 12" 300 W 8Ω и ако сте ги измериле, дали се добри за компресиона кутија или за бас-рефлекс?
Однапред Ви благодарам,
Јовица Даниловски, Ресен
Во двете табели 2а) и 2б) од проектот "Активна свртница" навистина е испуштена колоната со фреквенциите, така што сега го објавуваме дополнувањето на тие табели (прикажан е само почетокот на споменатите табели со првата колона за фреквенцијата). Се надеваме дека читателите сепак немале некои поголеми проблеми, бидејќи во табелите 1а) и 1б) се објавени формулите за пресметка на RC елементите, со чија помош и се пресметани вредностите прикажани во табелите 2а) и 2б). Со тие формули лесно можете да ги пресметате вредностите на RC елементите за која било фреквенција.Вашето барање за ограничување на високите тонови над 22.000 Hz е сосема непотребно и дури може неповолно да влијае на квалитетот на звукот. Ограничувањето на најниските тонови понекогаш се употребува но, предложените 40 Hz, па дури и 35 Hz се премногу високи фреквенции за hi-fi намена (освен ако бас-звучникот е мал) – обично се користи вредност од 20 Hz до 30 Hz. Ако сакате да направите активна свртница за 3 опсези, но со ограничување на најниските тонови под 30 Hz (или слична фреквенција), тогаш потребни се две печатени плочки ППК623 за еден канал (вкупно 4 плочки за стерео): од првата плочка ќе ги употребите опсезите за средни тонови (направен за опсег од 30 Hz до 150 Hz), додека од втората плочка ќе ги употребите опсезите за средни тонови (од 150 Hz до 5.000 Hz) и за високи тонови (високопропусен за над 5.000 Hz). Влезовите од двете плочки треба да се спојат паралелно, а R1 да се зголеми на 100 kΩ. Од веќе објавениот проект за активна свртница со 3 опсези лесно можете да направите активна свртница со 4 опсези – за тоа повторно се потребни две печатени плочки ППК623 за еден канал (вкупно 4 плочки за стерео): од првата плочка ќе ги употребите опсезите за средни тонови (направени за опсег од 30 Hz до 150 Hz) и за високи тонови (направени за долна гранична фреквенција од 150 Hz); додека од втората плочка ќе ги употребите опсезите за ниски тонови (до 400 Hz), потоа за средни тонови (од 400 Hz до 4.000 Hz) и за високи тонови (над 4.000 Hz). Единствено треба да се направи мала интервенција на втората плочка – со скалпел да се прекине бакарниот вод (после "триаголникот" кај Ksp2) кој оди од излезот 1 од IC1 до отпорникот R8, а на влезот од отпорникот R8 да се донесе сигналот од првата плочка – од излезот на високите тонови (после R7). Така, излезот за опсегот од 150 Hz до 400 Hz ќе биде после отпорникот R3 на втората плочка. Влезовите од двете плочки треба да се спојат паралелно, а R1 да се зголеми на 100 kΩ. Во септемврискиот број на ЕМИТЕР беше објавен проект за сабвуфер – "Aquarium". Звучната кутија можете да ја направите поевтино, ако се откажете од стаклените плочи и ако нив ги замените со плочи од иверка. Димензиите на кутијата можете да ги направите по Ваша желба, но внатрешниот волумен мора да биде 94 литри. Да ја искористам приликава да направам една корекција: во текстот е напишано дека димензиите на алуминиумскиот "L" профил се 25 X 25 mm, а всушност вистинската димензија е 30 X 30 mm. За звучниците D&T не сум чул досега. Погледнете во малите огласи во ЕМИТЕР за мерење на звучници.
Владимир Филевски
Имам прашања за проектот "Инфрацрвена бариера" објавен во ЕМИТЕР бр. 5-6/2к. Во шемата приемникот како засилувач на сигналот (IC1) е наведено интегрираното коло TDA2023A, кое не можев да го најдам. Со оглед на надворешните компоненти го одбрав IC LM358. Системот е стабилен и функционира на растојание до 1m. Што треба да направам истиот да работи на растојание не помало од 2m.
Мартин Сапунџиев, преку e-mail
Интегрираното коло IC1 во приемникот на инфрацрвената бариера од ЕМИТЕР 5-6/2к е погрешно означено на шемата и во текстот. Тоа не треба да биде TDA2023A (такво не постои) туку TDA2320A. Колото што вие сте го употребиле како замена (LM358), како што и самите сте забележале, одговара само делумно, па ќе мора да го замените со TDA 2320A, кое патем е многу евтино и лесно се наоѓа во продавниците за електроника.
Драган Јовановски
Во врска со новиот концепт на ЕМИТЕР, мислам дека за таа цена во Македонија подобар нема, вклучувајќи ги и странските списанија. Сепак, би требало да се зголеми бројот на страници посветени на компјутерската техника и електрониката (се разбира со соодветно зголемување на цената – да речеме 200 денари), бидејќи според мене, најголемиот процент на оние кои го купуваат ЕМИТЕР се интересираат за тие области.
Заљубеник сум во аудиото, и како и многумина други, прибегнав кон конструкција на звучни кутии во сопствена режија, благодарение на знаењата добиени од ЕМИТЕР и трудот на г-дин Владимир Филевски сето тоа да го сподели со читателите. Би сакал да знам дали аудио-фреквенцметарот за PC (проектот во ЕМИТЕР бр. 61) може да се прилагоди за мерење на амплитудно-фреквенциска карактеристика на звучници? Како извор на сигнал би можел да послужи софтверски PC тон-генератор. Проблемот е: како да се елиминираат рефлектираните звучни бранови во собата?
Би сакал да објавите напис за CLIO, ако сте во можност подетално. Каде може да се купи CLIO, колку чини и дали е потребно инсталирање на соодветен хардвер?
Имам уште едно прашање: дали со претворање на компресиона кутија од 120 литри во трансмисиона линија со должина од 1,6 метри и однос на коморите 1:1 би се добил подобар бас со звучник со параметри Qts = 1,21; fs = 33 Hz; Vas = 39 литри?
Васил Пандев, Струмица
Планираме зголемување на бројот на страници, што ќе резултира во обем и тематска распределба слични на летниот двоброј од оваа година, со цена најмногу до 150 денари. Надоградбата на PC аудио-фреквенцметарот во систем за мерење на звучници е скоро невозможен, или во најмала рака – многу тежок зафат. Поодамна, и јас се обидов да најдам некое PC хардверско/софтверско решение кое би било со ниска цена, за на крај да дојдам до заклучок (после солидна количина залудно потрошени пари) дека само професионален уред за аудиомерења може да ги оправда вложените средства. Единствен таков професинален уред со пристојна цена е токму CLIO. CLIO се состои од картичка за компјутер, микрофон и софтвер. Во зависност од конфигурацијата, неговата цена е од 900 до 1.100 евра (приближно), на што треба да се додадат поштенските трошоци и царинските давачки. Постојат две верзии: стандарден CLIO (кој има две варијанти на PC картичката: ISA и PCI) и нешто поевтиниот CLIOlite (кој не го препорачувам, бидејќи му се ускратени повеќе корисни функции). Постојат и три верзии на мерните микрофони: LITE, MIC-01 и MIC-02. Списокот на дистрибутери на CLIO можете да го најдете на Интернет страницата www.cliowin.com (јас моето CLIO го нарачав од RCM Akustik од Германија, но со нив имав непријатни искуства и затоа би Ви препорачал да најдете некој друг дистрибутер). Уредот CLIO го претставив во ЕМИТЕР бр. 2/98, заедно со објаснувањето како е решен проблемот со рефлектираните звучни бранови во собата. Иако CLIO е најдобро и најевтино решение, сепак не би можел да го препорачам на повеќето хобисти, бидејќи станува збор за професионален уред: на пример, во упатството за користење не се објаснети многу нешта за аудиомерењата– тоа се работи кои се подразбира дека им се познати на професионалците. Дури и ако некаде најдете објаснување за некое прашање, тоа објаснување само ќе ви отвори десетина (или стотина) нови прашања и непознаници за кои не сте ни знаеле дека постојат, и на кои допрва треба да најдете одговор (знам за два други CLIO уреда во Македонија, кои служат само како украс). Ако сте спремни на многу учење, тогаш безрезервно можам да Ви го препорачам CLIO.
Со оглед на високиот Qts параметар на бас-звучникот, претворувањето на компресионата звучна кутија во трансмисиона линија ќе донесе подобар бас. Бидејќи не сте ги навеле димензиите на звучната кутија и на бас-звучникот, можам да Ви ги дадам само овие совети: Предложената должина на трансмисионата линија од 1,6 m е премногу мала за да се добијат оптимални резултати. Ако постои можност, поделете ја кутијата на три "комори" (канали) со вкупна должина околу 2,4 m. Напречниот пресек (плоштина) на каналите најдобро е да се намалува кон излезот, т.е. првиот канал каде што е монтиран бас-звучникот треба да биде со најголем пресек, вториот канал со помал, а излезниот со најмал пресек. Притоа треба да се внимава најмалиот пресек на каналот да е поголем од активната плоштина на бас-звучникот (приближно: плоштина на кружниот отвор на кутијата за бас-звучникот). Материјалот за дампирање во тежина од 1,8 kg (по кутија) треба рамномерно да се распредели по целиот внатрешен волумен.
Владимир Филевски