Враќање на податоците по low level форматирање

Почитувани,
До сега Ви немам пишано. Инаку сум редовна читателка на Вашето списание иако сум девојка. Би ве замолила да ми одговорите на следново прашање.
Се обидував да видам што ќе се случи ако на хард дискот му направам LOW-LEVEL формат. Го сторив тоа, но заборавив дека имам важни податоци на него. Би ве замолила да ми кажете дали е можно да ги вратам фајловите со направениот LOW-LEVEL формат и дали постои таква програма или начин за да ги вратам?
Програмата за LOW-LEVEL ја најдов на Интернет каде стоеше дека е наменета исклучиво за модел на WESTERN DIGITAL каков што е и мојот хард диск. За програмата пишуваше дека неа ја користела и самата фабрика за ресетирање на дискот.
Постапката траеше околу седум часа и не смееше да се прекине, затоа што пишуваше дека може да дојде до целосно оштетување на дискот ако се прекине во незавршена фаза. Јас побарав на Интернет дали постои програма за враќање, но наидов само на негативни резултати. Исто така имам и посебна книга за хард диск во која пишува дека не може, но книгата е од 1998 година, па не знам да ли нешто се има изменето во таа област. Ве молам кажете ми дали вреди да го носам во некој сервис, затоа што оттогаш на хард дискот имам ставено нов систем и програми за back up и го имам преподелено на нови партиции со различна големина, а пак потоа, откако видов дека не може, го форматирав со обичен DOS format и се обидов преку DOS да ги вратам изгубените податоци, но попусто, затоа што и FAT табелите со LOW-LEVEL формат се испразнети.
Однапред благодарам,
Катерина Велјаноска

На вашето писмо одговори дадоа неколкумина наши соработници и деловни пријатели, а овде ви пренесуваме дел од нив:

Low level на хард диск од понова генерација речиси е невозможно да се направи, особено не во "домашни услови"!
Без разлика на low-level форматот – сепак од описот на другите активности преземени после таа постапка, јасно е дека НЕМА ШАНСИ да се врати ништо употребливо од тој хард диск!
Гунтер Кубе,
Сет компјутери

Low Level формат се користи кај оштетени и стари HDD дискови кои сè уште можат да живеат, за машини кои обично се со посебен хардвер и каде нема можност да се сменат HDD, а истите не се закочени или механички оштетени па можат така да работат со маркирање на bedblock или clusters.
Патем, по обичен формат на HDD можно е да се вратат податоците само кај FAT и FAT32 партициите (па и тогаш половина од нив да не работат) додека кај NTFS не е возможно такво нешто.
Low Level форматирањето користи процедура на форматирање на кластерите во HDD и така не е возможно враќање на податоците откако тој ќе се форматира. Кога се прави low level формат треба да се разгледаат сите фактори, а богами ги има многу, не само горе наведеното. Што се однесува до мене, односно од мое искуство, доколку low levelot е правен преку биосот на компјутерот, ретко кој HDD преживува :-).
Дејан Ѓошевски,
Кабтел

Бидејќи се работи за Low-level формат, јас не би се надевал многу, но сепак најдов некои програми кои ветуваат "almost 100% data recovery":
http://www.download.com/GetDataBack-Data-Recovery-for-NTFS/3000-2094_4-1...
http://download.getdata.com/RecoverMyFiles-Setup.exe
Милорад Пешевски

Со оглед на тоа дека имате инсталирано нови програми како и наново инсталирано оперативен систем за компјутерот, голема е веројатноста дека токму на местата (наречени блокови) каде што се наоѓале битните податоци коишто сакате да ги повратите се наснимиле, односно поставиле, информации од новите инсталации што сте ги правеле. Според тоа ефикасно повратување на податоците е речиси невозможно.
Добре Блажевски

Најнапред, голема грешка е обидот да се експериментира со било каква функција којашто го содржи зборот "format" :) А сега малку теорија:
Процесот на "Low-Level" форматирање се состои во тоа што ги поставува (утврдува) патеките и секторите (оперативниот систем ги нарекува ang."clusters" = локални групи) на диск-плочата. Односно со ова се маркираат почетните и крајните точки на секој сектор од диск-плочата. Овој процес служи за да го подготви драјвот да може да прифаќа блокови од БАЈТИ.
За разлика од овој тип на форматирање постои понапредно "High Level" форматирање кое служи за да ги запише "file-storage" структурите, како на пример, "File-allocation-table" (FAT), во секторите. Овојпроцес служи за да го подготви драјвот да може да прифаќа ДАТОТЕКИ (files). Што значи, доколку сте го форматирале дискот со "Low-Level Format" 99,9% сум сигурен дека НЕ може да си ги повратите податоците, освен ако претходно имате направено backup на податоците на некоја надворешна меморија (CD, USB-Flach memory...)
"Low level" форматирањето е како уништување на темелите на некој куќа (Hard-disk) со цел на истото место да се изгради нова куќа (запишува нови податоци). Е сега, дали доколку урнам некоја куќа до темел, ќе можам со некоја брза постапка (restore) да ја вратам куќата во првобитната состојба или ќе треба одново да ја градам :-).
Најчесто "low level" форматирањето го прави самата фабрика со цел да го иницијализира дискот и да го пушти во продажба. На обичниот корисник му преостанува само да си го подели дискот на партиции (FDisk) и да го форматира (high-level) дискот за да стане употреблив за некој оперативен систем.
Пред некоја година прочитав дека некои американски научници откриле начин како да се прочитаат податоците од хард-дисковите иако се форматирани. Сè се сведуваше на тоа дека еднаш запишаните податоци магнетната глава, не може 100% да ги избрише (демагнетизира) со Формат командата. Па затоа, ако сте подготвени доволно да "платите" за вашите податоци, распрашајте се на Интернет :-).
Бидејќи сте наша редовна читателка Ви препорачувам да продолжиш да го читате ЕМИТЕР, затоа што во некој од наредните броеви ќе објавиме напис за хард дисковите и нивната работа.
Петар Димоски

Се консултирав со неколку програмери и хардвераши за да си го потврдам и моето мислење – проблемот е невозможно да се реши. Значи, доколку претходно немате направено backup, податоците се неповратно изгубени.
Драган Јованоски