Голем поздрав до ЕМИТЕР,
Имам неколку плочки за универзален аудиопредзасилувач, па планирам да направам миксета со влез за 2 гитари и din микрофон со линиски излез (line out). Кои треба да бидат вредностите на елементите за да се добие потребното засилување и како да се врзат трите за да се добие еден линиски излез, и дали потенциометарот за засилувањето може да се користи како волуме.
Планирам да го правам и ESR метарот за кондензатори, па дали може да се стави трафото внатре во кутијата зашто во проектот е надвор и кои измени треба да се направат?
Русин Џундев, преку e-mail
И покрај тоа што вашето писмо изобилува со многу непрецизности, ќе се обидам да одговорам на поставените прашања.
Од она што го имате напишано можам да заклучам дека имате намера со "неколку плочки за универзален аудиопредзасилувач" да направите миксета на која планирате да приклучите електрични гитари и динамички микрофон. Иако не е никаде наведено, претпоставувам дека под "универзален аудиопредзасилувач" се подразбира каналниот предзасилувач VT-101 од проектот "Повеќеканална разгласна миксета" кој беше објавен во ЕМИТЕР 7-8/98. Ако ја погледнете шемата ќе видите дека модулот VT-101 има два влеза кои се означени со "MIC" и "INST" од кои во исто време активен е само еден (или "MIC" или "INST", зависно од потребата). Влезот "MIC" е предвиден првенствено за поврзување на микрофон. На овој влез може да се приклучи и друг извор на сигнал со ниско излезно ниво (до 15mV), но со мала излезна отпорност (до 1k). Вториот влез "INST" е наменет за приклучување на електричен иструмент кој има линиски излез (ред на големина од неколку 100 mV) и излезна отпорност до 10 k. Од ова е јасно дека ниту еден од влезовите на овој предзасилувач не е погоден за приклучување на електрична гитара. Ова не е нималку случајно, затоа што електричните гитари не се поврзуваат директно на разгласната миксета. Еден можен начин за поврзување на овие инструменти со миксетата е преку линискиот излез кој го има секој подобар гитарски засилувач. Втор можен начин е да се користи микрофон приклучен на некој од микрофонските влезови од миксетата кој ќе го "лови" звукот од звучникот на гитарскиот засилувач. И во двата случаи потребен е вистински ГИТАРСКИ ЗАСИЛУВАЧ. Секој гитарски засилувач има еден или два влеза кои се прилагодени токму на електричните гитари. Овие влезови имаат висока влезна отпорност (најчесто 1 M) и големо засилување (обично 100 пати). Освен тоа, секој гитарски засилувач има вградено посебни електронски кола кои ја даваат карактеристичната боја на звукот на овој инструмент, а многу често имаат и дополнителни ефекти како ехо, дисторзија "wah-wah" и сл. Ако се обидете да приклучите електрична гитара на некој предзасилувач кој има влез за микрофон, или уште полошо линиски влез, ќе видите дека звукот нема да биде нималку сличен на оној кој сте навикнале да го слушате.
Што се однесува до поврзувањето на динамички микрофон сигурно погодувате дека него можете да го приклучите на влезот "MIC" без да правите какви било измени во шемата. Впрочем, овој влез е предвиден токму за таков микрофон. Со потенциометарот P1 се менува засилувањето на влезниот сигнал со цел да се постигне оптимално прилагодување на предзасилувачот со изворот на сигнал. Овој потециометар најчесто се означува со GAIN и неговата улога е сосема поинаква од потенциометарот со кој се регулира нивото на сигнал кој скоро секогаш се означува со VOLUME. Во случајот на VT-101 улогата на VOLUME ја има P4. Со него се регулира нивото на сигналот од каналот (инструментот или микрофонот) кој понатаму се носи на суматорот (миксерот или мешачот) каде се меша со сигналите од останатите канали и така оформениот заеднички сигнал преку потенциометарот MASTER VOLUME се носи на влезот од излезниот засилувач или засилувачот на моќност.
Трансформаторот во дигиталниот ESR метар е поставен надвор од кутијата заради намалување на пречките кои ги предизвикува, но ако сакате покомпактен уред и ако трансформаторот го оклопите, тогаш може и него да го поставите во кутијата.
Дејан Трпески