Здраво ЕМИТЕР.
Имам неколку прашања и молби до вас:
1. Го изработив радиолокаторот од ЕМИТЕР бр.4/04, но не функционира. Распоредот на компонентите и нивната исправност ги проверив минимум 15-тина пати. Дали може да ми кажете зошто е тоа така?
2. Мерачот на индуктивност од истиот број на намотка од 74 микрохенри ми покажуваше 51 микрохенри при крајно десна положба на тримерот. Ова е секако на LO range, а на HI range намотката од 2,1 милихенри ми покажуваше нула. Дали може да ми кажете зошто е тоа така (да не имам направено некоја грешка и која би можела да биде)?
3. Мислам дека би било добро некои од постарите написи да ги објавувате повторно. Како што не им минува популарноста на ладните лемови, мислам дека прв напис кој би требало да го објавите повторно е "Детекторот за откривање на ладни лемови" објавен во ЕМИТЕР број 5-6 од 1996 година. Мислам дека вие ќе најдете уште некои квалитетни написи кои би биле многу корисни за читателите. Не сум сигурен дали ќе ви е достапен овој напис, па затоа во наредната порака ќе ви го испратам (малку модифициран од моја страна).
4. Во вашите написи, па дури и да се работи со некои "прости" шеми и едноставни за градба, да има подетално објаснување за компонентите кои се вклучени во истата, ако може и за секој поединечно со каталошки податоци (ако се работи за транзистори и интегрални кола). Ова е поради недоволно посветеното внимание на анализата на едноставните склопови кои се лесни за градба. За пример да го земам СИНО НОЌНО СВЕТЛО од декемврискиот број на ЕМИТЕР 2005 година. Колото е едноставно за изградба, но понеискусните електроничари се чудат: Зошто е тоа така? Зошто функционира така? итн. Еден мој школски другар дури немаше поим кој е електрет а кој динамички микрофон (мислеше дека електрет микрофонот е динамички ).
Се надевам дека ќе ја забележите мојава порака!
Поздрав,
Илија Зафиров.
Еве одговор на вашите прашања и предлози:
1. Доколку распоредот на компонентите е во ред, останува да се проверат компонентите сами по себе. Имено, дали има осцилации, дали постои модулација, дали воопшто локаторот емитира некој сигнал и слично. Значи, почнете постепено. Најпрво проверете го осцилаторот (IC) дали генерира осцилации согласно описот во текстот. Доколку е тоа во ред, употребете ВФ-сонда или некоја друга слична алатка за да проверите дали има генерирање на осцилации на ВФ-страната. Ваквиот пристап може да ви помогне да откриете кој степен од локаторот не работи и согласно на тоа да пристапите кон откривањето на дефектната компонента.
Добре Блажевски
2. Ако сите елементи се исправни и се со наведените вредности и ако нема грешка при лемењето или на самата плочка, не би требало да имате никаков проблем. Нагодување на уредот се врши само еднаш и на начин како што е објаснет во текстот. Уредот е аматерски и нормално е да има извесно отстапување од вистинската вредност, но не толкава како што наведувате. Според моите мерења грешката се движи најмногу до 5%.
Влатко Костадинов
3. Не гледам некоја потреба во ЕМИТЕР повторно да ги објавуваме старите написи. Тоа сигурно нема да им се допадне на читателите со подолг стаж. Сепак, некои од поинтересните написи (проекти за електронски кола) од постарите броеви (кои се веќе распродадени) планираме да ги објавиме во една книга заедно со некои нови проекти, специјално подготвени за таа книга. Така, во таа книга корисни работи ќе најдат сите читатели-електроничари, и поновите и оние што нè следат подолго време. Во секој случај, нема никаква потреба да ни испраќате своја верзија на некој наш напис.
4. Колку широко и длабоко ќе оди текстот за некое електронско коло зависи од многу фактори, а, пред сè, од сложеноста на колото и за тоа кому е наменет проектот (дали за поискусните или помалку искусните читатели). Премногу текст за едноставно коло не е соодветен, а исто така не е добро и да се има предолг текст ако тој е наменет за почетници (многуте информации повеќе ќе збунуваат отколку што ќе помогнат). Убеден сум дека обемот на нашите написи главно е оптимален во согласност со претходно кажаното. Впрочем, нив ги подготвуваат искусни електроничари, инженери и професори. Читателите кои ќе наидат на нешто нејасно во некој напис, тоа треба да си го разјаснат со помош на други написи од претходните броеви на ЕМИТЕР, со помош на некои други списанија и книги, со помош на некој поискусен електроничар или, пак, со помош на професорот (ако читателот е ученик). Не може да очекувате во еден напис да биде кажано сè што некому можеби нема да му е јасно и за оваа проблематика повеќе можете да прочитате во одговорот на едно писмо објавено во ЕМИТЕР бр. 3/06.
Слободан Таневски