Почитувана Редакцијо.
Со оглед на вашата стручност, мислам дека вие можете да ми помогнете. Имено, често пати се случува кога гледам кабелска телевизија на некои канали тонот и сликата да не се усогласени, односно сликата да доцни зад тонот некогаш дури и за 1-2 секунди. Се прашувам од каде тоа доаѓа. Реагирав во кабелската телевизија кај нас (во Кисела Вода), ама тие се вадат дека така го добивале сигналот од сателитот. Јас не им верувам, затоа што таква неусогласеност на тонот и сликата повремено се случува на неколку канали, но најчесто на хрватската Нова ТВ. Често пати и сликата се замрзнува, па после некое време вршат ресетирање (се гледа менито на екранот) и потоа некое време тонот и сликата се усогласени, но како поминува времето настанува сè поголема неусогласеност на тонот и сликата. Дали вие можете да кажете каде настанува овој проблем?
Само пофални зборови за ЕМИТЕР и однапред Ви благодарам.
Мирко Брзовски
Проблемите на несинхронизираност помеѓу сликата и тонот беа присутни и кај аналогните преноси, а, за жал, стануваат честа појава и кај дигиталните системи за обработка и пренос на ТВ-сигнали. Причина за неговата појава (кај дигиталните системи) е потребата од поголемо видеопроцесирање на сликата во однос на тонот. Во тој случај при кодирањето или декодирањето на целосниот ТВ-сигнал (аудиото и видеото) на некои кодери и/или декодери им е потребно повеќе време за обработката на сликата во однос на тонот, па затоа знаат да предизвикаат појава на несинхронизираност. Ваквите кодери/декодери се обично тие од пониската класа или, пак, причина за појавата на несихронизираност може да биде и нивна не добра нагоденост, т.е. луѓето кои ги ракуваат ги немаат добро нагодено параметрите, во однос на перформансите на уредот и преносниот канал.
Луѓето од кабелската телевизија до некаде имаат право, бидејќи една од причините за појавата на несинхронизираност може да биде лошо спакуваниот канал на ТВ Нова пред да се испрати на сателит (вакви проблеми забележливо е дека се појавуваат и кај други ТВ-програми). Но, во конкретниов случај поголема е веројатноста дека сателитскиот приемник во приемната станица на кабелската телевизија затаил, бидејќи како што рековте и сами по ресетирање на сателитскиот приемник синхронизираноста е во ред.
Значи, конкретниот одговорот на вашето прашање е: лошото декодирање на сателитскиот сигнал при прием. Освен слабиот квалитет на сателитскиот приемник (неквалитетно коло за декодирање), причините за лошото декодирање може да бидат предизвикани и поради слабиот приемен сигнал што го добива рисиверот. Ова се одразува на губење на делови од аудио или видеоделот од преносниот сигнал и доаѓа до појава на повремено замрзнување на сликата или губење на тонот на моменти. Ова најчесто е предвесник за појавата на "бегањето" на синхронизацијата.
Без разлика која е причината за појавата на несинхронизираност, сепак, кабелскиот оператор е должен од време на време да ги следи своите програми и кога ќе забележи ваков проблем веднаш да реагира (или да го ресетира/смени сателитскиот приемник, или, пак, во крајна линија да реагира до ТВ-куќата од која го презема сигналот).
Вакви проблеми се појавуваат и кај домашните терестријални ТВ-станици, но во овој случај проблемот не е кај кабелските оператори туку кај самите ТВ-станици, поради употреба на лошите (нискобуџетни) уреди за кодирање/декодирање на програмата. Ова често може да се забележи кај прилозите во вестите кои ги пуштаат од компјутер, а претходно биле снимени со аналогна камера, па дигитализирани ("кепчани" - capture) и снимени во компјутер, од каде што и се пуштаат во програма.
За надминување на ваквите проблеми постојат уреди за аудиосинхронизација (со кола за доцнење на аудиоделот), но и тие имаат поголеми побарувања за работа, и има логика да се употребуваат само во случаи кога временската разлика помеѓу сликата и тонот е постојана (во случај кога видеосигналот поминува постојано низ одредено коло за обработка, коешто внесува константно време на доцнење). Кај дигиталните системи несинхронизираноста не се јавува со точно одредена вредност, а исто така има тенденција, ако не се прекине, со текот на времето да се зголемува.
Дарко Мајстороски