Замена на компоненти во 50W робустен засилувач

Здраво,
Сакам да поставам две прашања во врска со "50W робустен аудиозасилувач" од ЕМИТЕР 3/10.
1. Дали кондензаторите C13 и C14 можат да се заменат со два други со вредност од 4700µF/25V.
2. Дали блок-кондензаторите C2, C3 и C12 можат да се заменат со електролитски кондензатори со иста вредност како на шемата (1µF/63) и како се поврзуваат според поларитетот?
Златко Димов, преку е-пошта.

Пред да го дадам одговорот на вашите поставени прашања во врска со овој засилувач, сакам да ве поздравам и да ве охрабрам, затоа што се интересирате и решивте да го изработите овој квалитетен аудиозасилувач.
Ако сте редовен читател на нашето и ваше списание ЕМИТЕР, во неколку написи од областа на аудиозасилувачи имам напишано дека во филтерскиот дел од напојувањето треба да се користат електролитски кондензатори со работен напон поголем за најмалку 20% од DC-напонот за напојување на засилувачот. За овој засилувач работниот напон на кондензаторите C13 и C14 треба да биде: Ucmin = 1,2xUs или Ucmin = 1,2x25 = 30V или најблиска стандардна вредност 35V!?
Ова ни кажува дека за да немате проблеми, односно "прегорување" на кондензаторите C13 и C14 и да не ви се случи онаа народната: "Сиромавиот двапати плаќа" за C13 и C14 МОРА да користете електролитски кондензатори со капацитет од 2200µF или поголем, но со пробивен напон не помал од 30V!
Блок-кондензаторите C2, C3 и C12 можат да се заменат со електролитски кондензатори. Ако се одлучите за овој чекор, плусот од C2 треба да се врзе со базата на T1, плусот од C3 со спојот меѓу R1 и R2, а плусот на C12 со базата на T13.
Инаку, ако јас се прашувам, нема потреба од ваква замена на кондензаторите, бидејќи овие блок-кондензатори можат да се најдат во секоја продавница за електронски материјали по "багателна" цена, а блок кондензаторите имаат многу подобри електрични карактеристики во аудиофреквенциите во однос на електролитските!!! Не ми е јасно зошто да правите непотребен компромис за заштеда на само 15 денари!?
Славко Стојковски