Почитувана редакцијо,
Ќе се навратам повторно на една вечна тема од типот "ПОСТОЈАНО ДВИЖЕЊЕ", за и против. Нема да го користам латинскиот израз, затоа што тој ги доведува во заблуда многуте учени, приучени и "учени" луѓе. Ме зачудува ставот на некои луѓе од науката кои тоа прашање го поставуваат догматски, не може и точка. За нив веројатно, научниот прогрес дошол до својот зенит и застанал. Демек научено е сè и сè се знае, божем прогресот е статична големина. Тие го заборавиле, или воопшто не го знаат одамна воспоставениот и општоприфатен принцип во природата "Сè тече / сè се движи / сè се менува". Па господа догматичари сетете се, сè во природата се движи и се менува. Зачудува како не можете да прифатите дека сè што човекот го гледа во природата, може да го копира, зарем движењето на водата на планетата не е постојано движење, и да не набројувам уште многу и многу примери. Јас навистина не знам што вие подразбирате под поимот "Постојано движење", но јас ќе го кажам мојот став по тоа прашање.
Механизам или механички систем направен од човекот кој произведува механичка работа, без додавање на фосилно или минерално гориво, ниту електрична енергија однадвор, туку користејќи ги само природните сили околу себе, како гравитацијата, магнетното поле и др. Не заборавајте: "Сè тече / сè се движи / сè се менува". Науката не е статична категорија, постојано се усовршува и надградува (се менува).
Зарем во светот има малку појави кои не се објаснуваат со досега познатите закони. Ве молам немојте оние малку луѓе со визија, слободни мислители и креатори да ги обесхрабрувате со такви и слични написи во кои неаргументирано се тврди дека нешто во науката не може. Таквиот технобирократски став, повторуван од своите учители, е полтронски.
Во светот, па и кај нас, армија визионери, конструктори и иноватори размислуваат и работат на тој проблем наречен "Постојано движење" и сигурен сум дека некаде некогаш таа машина ќе биде конструирана, оти знам дека кај секого од нас, последна се губи надежта.
Затоа господа "Учени" догматици и "Технички писмени", немојте да ги обесхрабрувате визионерите во оваа област од науката. На крај, ве молам ако не се согласувате со овој мој став, не го коментирајте, оти тоа е сепак само мој став, а вие и понатаму задржете си го својот став, колку и да е бизарен, ако така ви одговара.
Со почит,
Вани Николов, дипл.инж.
конструктор и иноватор
Како и сите светски списанија за популаризација на науката и техниката, така и списанието ЕМИТЕР ги поттикнува дискусиите за сите теми од науката и техниката. Независно од тоа дали се согласуваме со нечии ставови или не, рубриката "Писма" постои, покрај другото, токму за изнесување на различни мислења и за коментирање на различни ставови. Вие ги коментиравте нашите ставови за една одредена тема од науката, за што ние ви се заблагодаруваме. Меѓутоа, природно е правото и ние да го прокоментираме вашиот став кога сметаме дека тоа е потребно, како што е случај во оваа прилика.
На пример, вашиот став и тврдење дека "Сè што човекот гледа во природата може да го копира" е погрешен, затоа што тоа тврдење не се темели на ниту една цврста основа (закон), туку е само една убава, неостварлива желба. Понатаму, на планетава нема "постојано движење на водата" како што тврдите вие, затоа што тоа движење е резулат, меѓу другото, и на топлината од Сонцето. Кога Сонцето ќе го потроши своето гориво, слично на машина со еден огромен но конечно голем резервоар со фосилно гориво, ќе престане "постојаното" движењето на водата на Земјата.
Исто така, вие користите погрешна дефиниција за поимот "перпетуум-мобиле". Дефиницијата за "перпетуум-мобиле" (т.е. "вечно движење") е една те иста во сите можни книги, учебници и енциклопедии, па и ние во ЕМИТЕР ја подразбираме токму така како што е дефинирана, додека вие користите некоја своја дефиниција која е потполно различна од општоприфатената. Бидејќи вие нема да успеете да ги натерате сите народи на светов да ја променат класичната дефиниција на "перпетуум-мобиле" напишана во сите книги и учебници од памтивек до денес, вашата дефиниција не може да ја наметнувате како исправна (и притоа да не дозволувате коментирање). Евентуално, би можеле да кажете дека вие мислите оти е можно да се направи некаква "машина која вечно ќе се движи, а како погонска енергија ќе користи само природни сили: надворешна гравитациона енергија, магнетно поле итн." Вака срочена, вашата дефиниција не е јасна ниту прецизна, но како и да е, таквата машина повторно нема да функционира, бидејќи таа надворешна природна сила/поле мора да биде циклично променлива за да може да се искористи како погонска енергија, а наведените сили/полиња не се циклично променливи. Земјиното гравитационо или магнетно поле е речиси константно по јачина (магнетното опаѓа во последниве илјада години, но екстремно бавно) така што тоа не може да се искористи како погонска енергија. Класичните хидроелектрани кои го користат "вечното движење на водата" (под дејство на гравитацијата на Земјата и на топлината од Сонцето) и хидроелектраните кои го користат приливот/одливот (плима/осека) на водните маси (под дејство на гравитацијата на Месечината и Сонцето) не се "перпетуум-мобиле" според класичната дефиниција, но можеби влегуваат во вашата дефиниција. Сепак, мислам дека ваквите хидроелектрани не се она што вие го замислувате како машина од вашата дефиниција за "перпетуум мобиле", меѓу другото затоа што тоа би значело дека вашиот идеал за таква машина веќе е постигнат (има илјадници вакви хидроелектрани низ светот!), па, така да се изразам, вие не би имале со што да се занимавате понатаму, визионерски и недогматски.
Во природата навистина имало (и сè уште има) појави кои не можеле да се објаснат со дотогаш познатите закони, но тие појави НИКОГАШ не биле во спротивност со дотогаш познатите физички закони! Логично, бидејќи тие закони тогаш не би биле закони. Од друга страна, "перпетуум-мобилето" е во спротивност со сите досега познати физички закони! Притоа, досега никој не успеал да докаже дека некој од познатите физичките закони е погрешен! Затоа и ги нарекуваме физички закони, бидејќи тие се потврдувани безброј пати, без ниту едно отстапување. Дали вие сте докажале дека некој од досегашните закони во физиката е погрешен, па врз основа на тоа тврдите дека науката е погрешна догма и оти може да се направи "перпетуум-мобиле"?
На крај, да нагласам: не е правилно да се каже дека, на пример, физичките закони од класичната механика се погрешни – иако не може директно да се употребат во случаи на брзини блиски на светлината (тука Ајнштајн го кажал своето).
Со ова ваше писмо и со нашиов одговор сметаме дека темата "перпетуум мобиле" е исцрпена, барем за рубриката "Писма". Наредните коментари, ставови и мислења по ова прашање ќе ги пренасочиме на Форумот, кој наскоро ќе биде активиран на нашата веб-страница.
Владимир Филевски